ПАНЧЕВ Е ИСТОРИСКА ЛИЧНОСТ ИСТО КАКО ТИТО, РЕЧЕ ЗОРАН МИХАЈЛОВ НА ПРОМОЦИЈАТА НА КНИГАТА ЗА ЛЕГЕНДАРНИОТ ФУДБАЛЕР

    ПАНЧЕВ Е ИСТОРИСКА ЛИЧНОСТ ИСТО КАКО ТИТО, РЕЧЕ ЗОРАН МИХАЈЛОВ НА ПРОМОЦИЈАТА НА КНИГАТА ЗА ЛЕГЕНДАРНИОТ ФУДБАЛЕРУчеше да игра фудбал на улица, па во школски двор, па на Градскиот стадион, за да ја постигне славата на „Маракана“, рече новинарот Зоран Михајлов за Панчев (Фото: К.Попов)

    „Дарко Пачнев е историска личност, исто како Јосип Броз-Тито“, рече спортскиот новинар  Зоран Михајлов, на промоцијата на „Авторизирана биографија – Дарко Панчев“ за легендарниот фудбалер која ја напиша тој.

    „Исто како што времето го одбрало Тито, го одбрало и Панчев. Во 3 секунди, давајќи гол тој ја направи горда Македонија, поранешна Југославија и Европа. Учеше да игра фудбал на улица, па во школски двор, па на Градскиот стадион, за да ја постигне славата на ‘Маракана’, рече Михајлов, еден од доајените на македонското спортско новинарство, на промоцијата сношти во Скопје.

    Михајлов додаде дека не било лесно да се соберат сите податоци за животот на легендарниот Кобра, и рече оти тој лично мисли дека клубот Црвена звезда за Панчев бил полн погодок, а изборот на италијанскиот Интер грешка.

    Профсесорот Љубомир Кекеновски кажа дека денес немаме добри резултати во спортот како порано зашто ја немаме дисциплината и образованието кое го имала генерацијата на Панчев.

    Васил Рингов и Дарко Панчев израснале на иста улица во скопската населба Кисела Вода. (Фото: К. Попов)

    „Тој е добар и во теорија и во пракса, зашто го поминал најдоброто школо и од трчањето по ливада постигнал еден кенгурски скок до ѕвездите. Успехот е производ на силно образование, кај Панчев немаше врски и протекција“, кажа Кекеновски.

    За него, 29 мај 1991 е дел од светската историја на која ќе се сеќаваме, како денот кога „златната копачка“ го даде решавачкиот гол од пенал и со тоа Црвена звезда го освои европскиот Куп на шампионите и го победи Олимпик Марсеј во Бари.

    „Народ што го нема Панчев, не може да егзистира“, рече Кекеновски.

    „Напорно беше, но вредеше и пак би го одел истиот пат ако можев да бирам. И не знам дали успеав на Зоран да му ги кажам сите приказни и сите анегдоти“, рече легендарниот фудбалер Панчев на промоцијата.

    Книжарницата на „Литература“ беше премал простор за промоција на книга за која имаше толку интерес.

    „Нема протекции кај мене, и ќерка ми ќе чека ред за потпис“, рече Панчев додека ги потпишуваше книгите.

    Во првиот ред на промоцијата беше сопругата Маја Гроздановска-Панчева и ќерките Надица и Марија.

    Сопругата на Панчев, пејачката Маја Грозданвска-Панчева со ќерките Надица и Марија. (Фото: К. Попов)

    Неговиот пријател и колега, легендарниот фудбалер Васил Рингов се сети на времето кога со Панчев биле соседи и цимери.

    „Бевме комшии со Дарко, тој живееше на мојата улица Пушкинова во Кисела Вода. Кога беше кадет во Вардар, го возев од дома до стадион. Бевме цимри во Банско кога тренерот Вукашин Вишњевац му удри шамар и го обвини дека пушел, а јас го убедував да ги остави цигарите“, рече Рингов.

    Во книгата има познати и помалку познати случувања, факти и анегдоти за Панчев кои ги раскажале негови пријатели, за неговиот подем, почнувајќи од детството, преку ангажманите во ФК Вардар и ФК Црвена звезда, па сѐ до неговите европски фудбалски успеси. Во книгата има избор од 40 фотографии од приватната архива на Панчев. Издавач е „Литература.мк“ , а уредничка е Бисера Бендевска.

    М. ЏАРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира