ПО 16 ГОДИНИ ОБНОВЕН ЗАПАЛЕНИОТ МАНАСТИР ВО МАЛА РЕЧИЦА

    ПО 16 ГОДИНИ ОБНОВЕН ЗАПАЛЕНИОТ МАНАСТИР ВО МАЛА РЕЧИЦАБлага Петровиќ од Тетово со фотографија од нејзиниот прадедо поп Петре, кој на своите сто години качен на коњ доаѓа во манастирот во Речица каде што служел (Фото: СДК.МК)

    Шеснаесет години откако е запален, обновен е и осветен манастирот посветен на Свети Ѓорѓи Победоносец во тетовска Мала Речица. Ова древно тетовско светилиште во декември, 2001 во подметнат пожар изгоре до темел, при што беа уништени вредни фрески и икони. Девет години се чекаше на почетокот на неговата обнова, првин требаше да се смират страстите, оти се наоѓа во средина со исклучиво албанско население, а потоа и да се обезбедат средства за обновување. Изградбата започна во 2010 и траеше седум години. Со прославата за осветнувае викендот, манастирот повторно заживува и се враќа на неговите верници.

    Ова древно тетовско светилиште во декември, 2001 во подметнат пожар изгоре до темел, при што беа уништени вредни фрески и икони (Фото: СДК.МК)

    Со чинот на осветувањето чиноначалствуваше Митрополитот Тетовско-Гостиварски господин Јован во сослужение на бројни архиереи и свештенослужители од повеќе епархии. Тетовци со восхит го примија возобновувањето на манастирот и масовно дојдоа на осветувањето.

    „Се сеќавам како пред педесетина години редовно сме доаѓале на ова светилиште. Посебно тука народот се собираше за Ѓурѓовден. Доаѓавме со јадење приготвено од дома, а тука цел ден се виеја ора и ечеше песна. Јас за овој манастир сум поврзана и преку мојот прадедо поп Петре кој, како што може да се види на оваа фотографија, на своите сто години качен на коњ се гледа како доаѓа во манастирот во Речица. Тој беше поп во оваа црква, а по неговата смрт мојата баба Мита две години овде живееше само за да не се запусти манастирот. Таа успеа да поврати дел и да купи од имотот околу манастирот кој беше узурпиран. Тоа сè е од народот на Тетово и затоа велам, што и да му прават на манастирот тој никогаш нема да замре“, вели Блага Петровиќ од Тетово.

    Според историските документи и црковните книги, манастирот се споменува уште во 13 век, а се претпоставува дека е изграден на темели на црква која потекнува од 6 век. За време на турското владеење црквата во два наврати била уништувана. Во 1920 година вршени се ископувања и биле пронајдени темелите на старата црква. Во 1936 врз темелите на таа стара црква била возобновена, а ктитор бил Ѓоце Митрушески, трговец од Тетово.

    „Еден ден на Ѓоце Митруш му се јавува на сон како го носат на ова место. Тој ѝ кажал на жена си за сонот, но не превземал ништо. Вториот и третиот ден го сонува истиот сон во кој еден глас му вели ‘ќе ти се фатат и нозете и рацете ако не дојдеш овде’. Тогаш Ѓоце викнал мајстори и почнале овде да копаат и веднаш нашле икона изработена на дрво посветена на Свети Ѓорѓија. Ја зел иконата, и бидејќи бил еден од побогатите Тетовци, ја започнал градбата на манастирот. Набрзо се приклучиле и други лица, тука сакам да ги истакнам баба ми Мита Димитриеска која заедно со нејзините другарки Славка, Ѓена, мајката и бабата на отец Томче, дадоа голем допринос во собирање средства за изградбата. Иако беа стари жени не се жалеа, идеа од куќа до куќа и береа пари за изградба на манастирот“, се сеќава на тоа време Блага Петровиќ.

    И денешната обнова на манастиорт не можеше да се направи без голем број доброволни прилози на тетовци како и на нашите иселеници во странство. Тие се надеваат дека овој објект во иднина ќе опстојува и нема повеќе да биде цел на неразумни уништувачи како што тоа се случи во 2001.

    Иако манастирот се наоѓа во средина каде живее исклучиво албанско население, сега тој е прифатен пред сè од постарите жители на Мала Речица; – од осветувањето изминатиот викенд (Фото: СДК.МК)

    Според полициските документи, на осми декември, 2001 околу 19.30 часот пожарот ја зафатил црквата и до темел изгореле ѕидовите, иконите, иконостасот и помошните простории. Официјално, пожарот бил подметнат од непознати лица. Следниот ден околу 10 часот, непознати лица ја запалиле и внатрешноста на конакот,  а додека траел увидот околу комплексот се слушале истрели.

    Додека траеше обновата на манастирот, беа забележани неколку помали инциденти кога непознати сторители кршеа стакла и ќерамиди од објектот во градба, а еднаш имаше и неуспешен обид за потпалување. Но страстите постепено се смируваа и сега, иако манастирот се наоѓа во средина каде живее исклучиво албанско население, тој е прифатен пред сè од постарите жители на Мала Речица.

    „Тоа е божја куќа и не смее никому да смета. Тоа што се случи не е добро, но ете се најдоа добри луѓе и црквата пак се изгради. Треба да се живи во мир, со секого. Јас ја паметам црквата уште кога сум бил мал, тука сме играле. Тоа што некој ја запалил црквата не е добро ни за него ни за сите нас“, вели Шефедин Сулејмани од Мала Речица. “Во изградбата на црквата помош дале и Албанци и добро е што е така“, се надоврзува неговиот пријател Осман.

    Тетовска Мала Речица преставува синоним за политичката активност на Албанците во Македонија, но со прифаќањето на еден ваков начин на соживот може да стане и синоним на меѓуетничката толеранција на овие простори.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира