Џејмс Харисон, еден од најплодните крводарители на светот, чија плазма спасила животи на 2,4 милиони бебиња, почина на 88 години.
Познат во Австралија како „маж со златната рака“, крвта на Харисон содржеше ретко антитело наречено анти-Д, што се користи за правење лек што им се дава на трудници чија крв би можела да ги напаѓа нивните неродени бебиња.
„Харисон ветил дека ќе стане крводарител откако примил трансфузија по голема операција на градниот кош на 14 години“, соопшти Крводарителската служба на австралискиот Црвен крст.
Тој почнал да донира крвна плазма на 18 години и продолжил да го прави тоа на секои две недели додека не наполнил 81 година. Во 2005 беше прогласен за светски рекордер во донирањето крвна плазма и оваа титула ја држеше до 2022.
„Татко ми беше многу горд што спасил толку многу животи без надомест или болка. Тој секогаш велеше дека тоа ништо не боли, а животот што го спасуваш би можел да биде твој“, изјави ќерката на Харисон, Трејси Мелоушип.
Анти-Д ги штити неродените бебиња од смртоносно нарушување на крвта наречено хемолитичко заболување на фетусот и новороденчето (ХДФН). Состојбата се јавува за време на бременоста кога црвените крвни зрнца на мајката се некомпатибилни со оние на нејзиното бебе. Пред да биде развиен третманот со анти-Д во 1990-тите умирало секое второ бебе дијагностицирано со ХДФН.
Нејасно е како крвта на Харисон станала толку богата со анти-Д, но се верува дека тоа е поврзано со огромната трансфузија што ја примил на 14 години.