ПОЛИЦИЈАТА НА ЛОС АНЏЕЛЕС ВЕРУВА ДЕКА ГО ПРОНАШЛА ТЕЛОТО НА АКТЕРКАТА ОД МАКЕДОНИЈА АДЕА ШАБАНИ

    ПОЛИЦИЈАТА НА ЛОС АНЏЕЛЕС ВЕРУВА ДЕКА ГО ПРОНАШЛА ТЕЛОТО НА АКТЕРКАТА ОД МАКЕДОНИЈА АДЕА ШАБАНИОстанките на Адеа Шабани биле пронајдени во плиток гроб во близина на Сакраменто, речиси еден месец откако била пријавена за исчезната

    Полицијата на Лос Анџелес изјави дека пронашла тело за кое се верува дека ѝ припаѓа на Адеа Шабани, млада актерка и модел по потекло од Македонија, која исчезна минатиот месец од нејзиниот стан во Холивуд.

    Телото е пронајдено во плиток гроб во див предел на Северна Калифорнија, 640 километри северно од Лос Анџелес.

    Дваесет и петгодишната Шабани се водеше како исчезната од 23 февруари, кога сигурносните камери за последен пат ја снимиле како заедно со нејзиното момче влегува во лифт со багаж. Нејзините семејство и пријатели оттогаш немале слушнато ништо за неа, што покрена полициска потрага, која се прошири од Лос Анџелес до планините Сиера во Колорадо.

    Потрагата завршила вчера, кога детективите ископале тело од плиток гроб откриен во природен резерват во областа Невада, 32 километри североисточно од Сакраменто.

    „Иако се чека извештај од обдукцијата, полицијата верува дека останките ѝ припаѓаат на Адеа Шабани“, изјави Вилијам Хејс од полицијата на Лос Анџелес.

    Кратко откако Шабани била пријавена за исчезната на 25 февруари, полицијата ја фокусираше истрагата на нејзиното момче, 33-годишниот Кристофер Споц, кој бил свршен за друга жена.

    Тој им рекол на детективите дека тие на 23 февруари се упатиле кон куќата на нејзиниот татко во близина на Сакраменто. Попат се скарале, по што Шабани излегла од возилото во Санта Кларита, но детективите таму не пронашле никакви докази за неговата приказна. Споц извршил самоубиство минатиот четврток, кога полицијата се обидела да го запре на автопат источно од Лос Анџелес.

    Хејс не кажа како умрела Шабани, но се верува дека Споц има врска со тоа.

    „Веруваме дека тој е вмешан во нејзината смрт“, изјави Хејс.

    Шабани е родена во Македонија и тука одела на училиште, по што се запишала на универзитет во Париз. Таа дошла во Холивуд заради актерска и манекенска кариера и лани добила мала улога во еден независен филм.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира