ПОСТХУМНА НАГРАДА ЗА ИВО ЛАУРЕНЧИЌ ЗА РАЗВОЈ НА ПРЕТПРИЕМНИШТВОТО ВО ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА

    ПОСТХУМНА НАГРАДА ЗА ИВО ЛАУРЕНЧИЌ ЗА РАЗВОЈ НА ПРЕТПРИЕМНИШТВОТО ВО ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПАИво Лауренчиќ беше еден од креаторите на првите маркетинг кампањи за Скопска пивара во независна Македонија - на снимање на реклама за Скопско во деведесеттите години од минатиот век (фото: архива)

    Иво Лауренчиќ, основоположникот на современата македонска креативна и маркетинг индустрија, постхумно го доби специјалното признание „Креатори за столетијата“ за особен придонес во промоцијата на претприемништвото во Централна и Југоисточна Европа.

    Престижната награда која ја добиваат најзаслужните за развојот на претприемништвото беше доделена во рамките на Самитот на претприемачите од регионот – „300 Најдобри“, што викендов се одржа во Дубровник, Хрватска.

    За доделувањето на наградата одлучува меѓународен комитет од 13 членови, составен од независни експерти од областа на економијата, менаџментот, маркетингот и претприемништвото од Хрватска, Словенија, Србија, БиХ, Македонија, Германија, Австрија и Швајцарија.

    Иво Лауренчиќ, кој почина во 2013 година е основач на првата маркетинг-агенција во независна Македонија „Идеа Плус“. Во текот на својата богата професионална кариера создаде над 300 комуникациски проекти и над 400 видеоформи во филмската и креативната индустрија, како и креативни и макретинг кампањи за некои од најпознатите домашни и светски брендови и компании. Меѓу останатите проекти, Лауренчиќ е креатор и на првиот промотивен филм за туристичките потенцијали на земјата „Ден во Македонија“, како и на серијалот „Говорете македонски“. Беше и креатор и реализатор на кампањата за промоција и зачувување на македонското кирилично писмо „Додека пишувам на кирилица постојам“.

    Сакајќи да ги поттикне и другите уметници и креативци да создаваат свои сопствени дела ја режираше култната театарска претстава „Кутрите мали хрчки“, како и серијата „Од денес за утре“ која се емитуваше во Македонија во 16 епизоди.

    Во негова чест, во 2014-та година е формирано „Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“, чија цел е поттикнување и поддршка на талентот и креативноста кај младите во функција на создавање силни национални брендови, што претставуваше и една од неговите основни животни мисии.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира