Малиот принц Џорџ тргна на училиште, но неговата мајка, војвотката од Кембриџ, не можеше да присуствува на овој голем момент поради утринските мачнини што ја следат нејзината трета бременост.
Тој беше придружуван од татко му, принцот Вилијам, кој му ја носеше чантата до влезот во училиштето.
Четиригодишниот Џорџ, првородениот син на Вилијам и Кејт, ќе го посетува училиштето „Томас Батерси“ во една елитна населба во Лондон, каде што школувањето чини 18.000 фунти годишно. Роден во јули, тој ќе биде еден од најмладите во класот со 22-ца ученици, а ќе биде запишан како Џорџ Кембриџ.
„За жал. војвотката од Кембриџ се уште не се чувствува добро и затоа не го придружуваше принцот Џорџ на неговиот прв ден на училиште“, соопшти палатата Кенсингтон.
Директорот на училиштето, Бен Томас, вели дека малиот Џорџ нема да добие никаков посебен кралски третман.
„Ќе се обидеме ова време да му го направиме среќно и безбедно. Нема да го третираме како некоја посебна личност“, изјави Томас.
Други познати личности од поново време кои оделе во ова училиште се пејачката Флоренс Велч и актерката и модел Кара Делевињ.