Планина од фрлена облека, меѓу кои и божиќни џемпери и скијачки чизми, остава чудна глетка среде пустината Атакама во Чиле, кое страда од загадувањето предизвикано од брза мода.
Чиле долго време е светски центар на носена и непродадена облека, произведена во Кина или Бангладеш. Таа поминува низ Европа, Азија и САД пред да пристигне во Чиле, од каде што се препродава низ цела Јужна Америка.
Чиле, најбогатата држава во Јужна Америка, е позната по незаситниот конзумеризам на неговите жители.
Околу 59.000 тони облека доаѓаат секоја година во пристаништето Икике во бесцаринската зона Алто Хосписио во северно Чиле. Дел од неа купуваат трговците од Сантјаго или се шверца низ Јужна Америка, но најмалку 39.000 тони на крајот завршуваат на депониите во пустината.
„Оваа облека доаѓа од цел свет. Она што нема да се продаде останува во бесцаринската зона. Проблемот е што облеката не е биоразградлива и има хемиски состојки, па не може да се фрла на општински депонии“, вели Френклин Сепеда, сопственикот на „ЕкоФибра“, компанија која произведува изолациски панели од фрлена облека.
Според извештај на Обединетите нации од 2019, глобалната модна индустрија била одговорна за 20% од вкупните отпадни води на светот од 2000 до 2014 година. За да се произведе еден пар фармерки потребни се 7.500 литри вода. Исто така, таа создава 8% од стакленичките гасови. На облеката ѝ требаат 200 години да се разгради и е отровна за околината исто како фрлена пластика и гума.