Во Рим од вчера почна да се наплаќа влез од 2 евра на туристите кои сакаат да фрлат паричка во фонтаната Ди Треви. Градските власти на Рим го воведоа новиот билет-систем за туристи како дел од најновите напори за справување со гужвите кај една од најпреоптоварените знаменитости на главниот град.
Билети се потребни за периодот од 11 до 22 часот во понеделник и петок и од 9 до 22 часот во останатите денови од неделата. По 22 часот, барикадите се отстрануваат и пристапот е бесплатен за сите.
Во 2024, властите тестираа систем на бариери за да се ограничи пристапот до самиот раб на фонтаната, со цел да се процени дали е можно ефикасно контролирање на гужвите. Резултатот беше драстично намалување на бројот на лица подготвени да чекаат ред за пристап одблиску до споменикот од 18. век.
Фонтаната Треви, завршена во 1762 , покрива една страна на палатата Поли во централниот дел на Рим. Влегувањето во водата е забрането и туристите се соочуваат со парични казни ако го сторат тоа. Фонтаната се празни двапати месечно заради чистење.



