РОДИТЕЛИТЕ НА ДЕЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ СЕ МОИТЕ ХЕРОИ, ВЕЛИ КУСТОСОТ МАЈА ДИМИТРОВА ЗА ПРОЕКТОТ „УМЕТНОСТ ЗА СИТЕ“

    РОДИТЕЛИТЕ НА ДЕЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ СЕ МОИТЕ ХЕРОИ, ВЕЛИ КУСТОСОТ МАЈА ДИМИТРОВА ЗА ПРОЕКТОТ „УМЕТНОСТ ЗА СИТЕ“Димитрова две години го водеше ликовно-едукативниот „Уметност за сите“ наменет за деца со различен спектар на попречености. (Фото: К. Попов)

    Кустосот во Националната галерија на Северна Македонија (НГСМ) Маја Димитрова две години го водеше ликовно-едукативниот „Уметност за сите“ наменет за деца со различен спектар на попречености. Станува збор за проект на Националната галерија со пари од програмата МАТРА на Холандската амбасада, кој наиде на одличен одѕив во јавноста, а Димитрова и целиот тим добиваа искрени честитки за несебичниот ангажман, посветеноста и успешно реализираните активности.

    Димитрова на последната изложба од проектот, во декември, искажа голема благодарност за соработката кон родителите на децата. Изминативе години, вели таа, многу малку се работеше на социјализација на децата со посебни потреби, нивна инклузија и едукација. Овие деца најчесто се изолирани во средините во кои живеат и работат , па оттаму целата грижа и проценка на нивните таленти е препуштена на многу мал број наставници во специјализираните училишта и на семејствата.

    Со изложбата „Јас и ти, едно сме“ финишираше двегодишниот ликовно-едукативен проект „Уметност за сите“ за ученици-деца со различен спектар на попречености, различна возраст, специфики, социјален статус, пол, посебни потреби. (Фото: К. Попов)

    „Во текот на проектот имав можност да се запознам со прекрасни родители кои не криеја колку се среќни и испочитувани дека нивните деца добиле можност да се изразат себеси, да ја откријат нивната стварност која за очите на останатите често е невидлива. Не можев да останам рамнодушна кога кај тие родители без разлика на сите проблеми со кои се соочуваат, тие продолжуваат да бидат позитивни и со верба за своите деца. Тие дефинитивно се моите херои“, ни рече Димитрова.

    Во период од две години се одржаа голем број работилници кои анимираа учесници-деца со различен спектар на попречености, различна возраст, специфики, социјален статус, пол, посебни потреби, притоа нудејќи можност за социјална инклузија, преку вклучување врсници од редовната настава.

    Од 2018 до 2019 се реализираа изложбите: „Од мој агол“, „Дај му форма на животот“, „Пролет, лето, есен, зима… и повторно пролет“ и последната „Јас и ти, едно сме“, на која работеа ученици од редовната настава и ученици од Државниот училишен центар за образование и рехабилитација на лица со оштетен слух и говор „Партение Зографски“ во Скопје.

    „За да се смени крупната слика за односот кон лицата со посебни потреби мислам сите треба да станеме похумани и да се бориме против догмите и стереотипите од секој вид. Ваквите проекти се добра можност за тоа“, вели Димитрова. (Фото: К. Попов)

    Димитрова како едукатор во НГСМ, изминативе години работела на голем број на креативни работилници за ранливите катогории на деца. На тие проекти, вели таа, тие развиваат сензибилитет за ликовно изразување, учат за нови ликовни техники како и усвојување на социјални вештини. Бројот на учесници од година во година се зголемувал што укажувало на фактот за потребата од вакви активности и сѐ поголемиот интерес од училиштата, невладините организации и приватните лица.

    „Само за споредба, за неколку години бројот на учесници е двојно зголемен што ни дава потврда и поттик за она што го работиме. Оттаму, увидувајќи ја важноста од постоењето на ваквите проекти, Холандската амбасада го поддржа проектот ‘Уметност за сите’, кој претставува најголем проект што досега Националната галерија го организирала во областа на едукацијата“, вели Димитрова за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Димитрова ни кажа дека додека престојувала во САД, имала блиска пријателка која била со физички хендикеп. Дружејќи се со неа многу научила за хендикепираните лица, потребите и предизвиците со кои тие се соочуваат.

    „За разлика од овде кај нас, таму лицата со посебни потреби ги уживаат сите права како и останатите граѓани. Некои од нив апсолутно немаат никаков проблем и сами да живееат, сами да функционираат, да се движат каде и да посакаат, имаат организиран превоз, пристапни рампи, лифтови во скоро сите можни институции, а да не зборувам за човечкиот однос што можеби и е најважен. После ваквата слика таму, јас се запрашав имаме ли ние хендикепирани лица во нашата земја? Тие како да не постојат, ретко ги гледаме. За да се смени крупната слика мислам сите треба да станеме похумани и да се бориме против догмите и стереотипите од секој вид. Ваквите проекти се добра можност за тоа“, смета таа.

    Димитрова на една од работилниците. (Фото: Национална галерија на Северна Македонија)

    Додека го подготвувала проектот „Уметност за сите“, сите училишта со особено задоволство ја прифатиле поканата. Со некои соработувале и претходно, но проектот дал можност да се вклучат и специјализираните училишта од Штип покрај оние од Скопје.

    „Додека траеја работилниците немам зборови да ја опишам нивната возбуда и среќа. Дел од проектите беа и инклузивни ‘Дај му форма на животот’ и ‘Јас и ти едно сме’ каде заеднички работеа учениците од скопската гимназија ‘Јосип Броз Тито’ со учениците со оштетен слух и говор од училиштето ДУЦОР ‘Партение Зографски’. Од овие работилници излегоа многу пријателства и не само тоа, туку децата од редовната настава го учеа знаковниот јазик за да полесно се разберат со нивните сооученици. И покрај одличните креации кои тие ги изработија, мислам естетиката и уметничката вредност на творбите во ваквите проекти секогаш се става во втор план. Идејата е да овие млади луѓе научат повеќе едни за други и да се развива култура на прифаќање и уважување на различностите“, вели Димитрова.

     

    На прашањето дали има иднина за „Уметност за сите“, таа вели дека проектите посветени на ранливите категории деца се во редовната програма на Националната галерија, и дека така ќе биде и во годинава што доаѓа.

    „Децата тоа го очекуваат од нас, а ние како институција од културата со задоволство ќе ги оствариме ваквите проекти“, вели Димитрова.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари