САГРАДА ФАМИЛИЈА ВО БАРСЕЛОНА СТАНА НАЈВИСОКАТА ЦРКВА НА СВЕТОТ

    САГРАДА ФАМИЛИЈА ВО БАРСЕЛОНА СТАНА НАЈВИСОКАТА ЦРКВА НА СВЕТОТЦентралната кула ќе порасне до 172 метри кога ќе се додаде остатокот од крстот во следните месеци (Фото: ДПА)

    Саграда фамилија стана највисоката црква во светот откако работниците го поставија првиот дел од крстот на врвот на централната кула. Базиликата во Барселона сега е висока 162,91 метар, со што ја надмина црквата „Улмер Минстер“ во јужна Германија, која има 162 метри.

    Дизајнирана од славниот архитект Антони Гауди, Саграда фамилија се гради повеќе од еден век во центарот на Барселона, а главната зграда треба да биде довршена следната година.

    Централната Кула на Исус Христос ќе порасне до 172 метри кога ќе се додаде остатокот од крстот во следните месеци.

    Камен-темелникот на Саграда фамилија бил поставен во 1882 и Гауди никогаш не очекувал да биде завршена за време на неговиот живот. Само една од планираните 18 кули беше завршена кога тој почина во 1926 година.

    Во септември оваа година, генералниот директор на Саграда фамилија, Ксавиер Мартинес, изјави дека Кулата на Исус Христос ќе биде завршена во 2026, што ќе се совпадне со стогодишнината од смртта на Гауди. Се очекува работата на декоративните детали, скулптурите и на скалите што водат до главниот влез на зградата да продолжи во текот на следната деценија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира