СЕ ОБИДОВ ДА ЛЕТАМ КАКО НИЛ АРМСТРОНГ, НО ПРЕТЕШКО БЕШЕ, РЕЧЕ ГОСЛИНГ НА ПРЕМИЕРАТА НА „ПРВИОТ ЧОВЕК“ ВО ВЕНЕЦИЈА

    СЕ ОБИДОВ ДА ЛЕТАМ КАКО НИЛ АРМСТРОНГ, НО ПРЕТЕШКО БЕШЕ, РЕЧЕ ГОСЛИНГ НА ПРЕМИЕРАТА НА „ПРВИОТ ЧОВЕК“ ВО ВЕНЕЦИЈАЕкипата на филмот „Првиот човек“ на вчерашното свечено отворање на Венецискиот филмски фестивал: Џејсон Кларк, Оливија Хамилтон, режисерот Демиен Шазел, Рајан Гослинг и Клер Фој (Фото: Гети)

    Холивудскиот актер Рајан Гослинг вели дека се обидел да зема часови за летање да може автентичнo да го игра астронаутот Нил Армстронг, во биографскиот филм за големиот, но скромен херој „Првиот човек“. Филмот во режија на оскаровецот Демиен Шазел синоќа го отвори 75. Венециски филмски фестивал.

    Канадскиот актер ја обнови соработката со Шазел, по „Ла Ла Ленд“ од 2016 година, во „Првиот човек“, филм кој прикажува низ што сѐ Армстронг требал да помине и преброди за да стане првиот човек кој стапна на Месечината.

    Гослинг на вчерашниот прес кажа дека земал часови по летање за да може да навлезе подлабоко во писхата на инженерот и пилот.

    „Кога си помислив од каде да почнам, си реков да научам да летам. Нил можел да лета авион пред да вози кола. Но кога инструкторот ми рече да ја преземам контролата над авионот, си реков: Ова е ужасна идеја“, им рече Гослинг на новинарите. „Има причина зошто Нил Армстронг беше еден од најдобрите пилоти на сите времиња а и зошто јас не сум. Има нешто поразлично кај него што го издвојува од сите други астронаути“, додаде актерот.

    Гослинг и австралискиот актер Џејсон Кларк им оддаоа почит на астронаутите, за храброста, признавајќи дека само справувањето со клаустрофобијата во вселенските капсули им било претежок чекор.

    „Екипата направи автентични капсули. Навистина ни беше тешко да седиме во вселенските одела, затворени со три врати“, рече Кларк.

    Британската актерка Клер Фој, која ја игра жената на Армстронг, Џенет, рече дека екипата е исклучително благодарна на нивните синови, кои помогнале во сценариото и разговарале со актерите.

    „Првиот човек“ со Гослинг заедно со уште 20 филмови ќе се натпреваруваат за главната награда Златен лав. Меѓу фаворитите на годинашнава Мостра која ќе трае до 8 септември се вестернот на Џоел и Итан Коен „Баладата на Бастер Скрагс“, мексиканската семејна драма „Рома“ на Алфонсо Куарон и римејкот на италијанскиот хорор „Суспирија“ од 1970 во режија на Лука Гвадањино, авторот на „Викај ме по твоето име“ кој лани помина одлично кај критиката и публиката.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира