СЕ РЕШИВ ДА ВОЗАМ БАЛКАНСКА ТУРНЕЈА САМО ПОРАДИ МАКЕДОНИЈА, ВЕЛИ ГЕРМАНСКИОТ ВЕЛОСИПЕДИСТ ПАСКАЛ ШИФМАН

    СЕ РЕШИВ ДА ВОЗАМ БАЛКАНСКА ТУРНЕЈА САМО ПОРАДИ МАКЕДОНИЈА, ВЕЛИ ГЕРМАНСКИОТ ВЕЛОСИПЕДИСТ ПАСКАЛ ШИФМАНПаскал Шифман до Штип поминал 1.500 километри (Фото: СДК.МК)

    Многу убави работи сум читал и слушал за Македонија, па мојата балканска турнеја со велосипед ја почнав најмногу поради Македонија. Се уверив во тоа од првиот момент кога стапнав на тлото на оваа мала, но убава земја. Останатите земји ги поминав незабележително, но кога влегов во Македонија, веднаш се почувствува големото гостопримство на луѓего кои живеат овде. Во Штип добив посебен третман, ме честеа и кафе, што не сум го доживеал никаде каде што сум бил“, вели 30-годишниот германски велосипедист Паскал Шифман.

    Минатата година, тој возел велосипед од Германија до Турција. Кога годинава отишол во Истанбул за да си го земе велосипедот, ја започнал својата турнеја низ Балканот и Европа, само во обратна насока. Пред патувањето, маршрутата ја разработувал неколку дена. Планирал стартот да му биде во Истанбул, па преку Пловдив и Велинград да влезе во Македонија преку Делчево.

    Кога влегов во Штип, овдешни жители се интересираа од каде доаѓам, каде ќе заминам и ми честитаа за проектот и упорноста. Им кажав дека по кратка пауза заминувам за Скопје, па продолжувам кон Преспа и Охрид. Преку Свети Наум ќе влезам во Албанија, а потоа со траект ќе преминам во Италија. На крајот, преку Швајцарија се враќам во Германија“, вели Паскал и додава:

    До Штип поминав вкупно 1.500 километри, а до крајот на турнејата, до родниот град Констанц во Германија ќе поминам уште неколку илјади километри. На ден возам различно, по 300-400 километри, некогаш и помалку. Користам малку јадење, а повеќе вода. Добро е што во Македонија покрај патиштата има многу чешми. Овде се запознав со повеќе млади луѓе, кои како мене се студенти, па оваа турнеја ја нареков размена на студенти“, вели младиот инженер Шифман, инаку дипломец по екологија.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира