„ШОФЕРЛКОТ“ НЕ Е САМО МАШКА ПРОФЕСИЈА – САШКА КАРАЛИЈСКА-ЈОВЧЕВА ОД СТРУМИЦА Е ЕДИНСТВЕНАТА ЖЕНА КОЈА ВОЗИ КИПЕР ВО ЗЕМЈАВА

    „ШОФЕРЛКОТ“ НЕ Е САМО МАШКА ПРОФЕСИЈА – САШКА КАРАЛИЈСКА-ЈОВЧЕВА ОД СТРУМИЦА Е ЕДИНСТВЕНАТА ЖЕНА КОЈА ВОЗИ КИПЕР ВО ЗЕМЈАВАЉубовта кон возилата ѝ почнала уште од мала, како средношколка научила да вози и автомобил и трактор со приколка (Фото: СДК.МК)

    47-годишната Сашка Каралијска-Јовчева од Струмица, според многумина, има машка професија, но таа го тврди спротивното.

    Работи во струмичка градежна компанија како возач на тешко товарно возило кипер, кое кога е натоварено, тежи и до 30 тони. Со камионот разнесува чакал, сепариран песок и земја за потребите на градежната оператива.

    Ако се има љубов и желба, ќе се успее. Идентично како во сите други професии. Овде се потребни само поголеми храброст и упорност за да се носиш во таканаречениот машки свет, се разбира, доколку ги имаш потребните возачка и вештини. Сите се изненадени кога ме гледат, но да, моето работно место е возач на тешко товарно возило – кипер“, вели Каралијска-Јовчева, која е од Куклиш, мажена во Струмица.

    Кога е натоварен, киперот тежи и до 30 тони (Фото: СДК.МК)

    Љубовта кон возилата ѝ почнала уште од мала. Како средношколка научила да вози и автомобил и трактор со приколка. Тогаш се појави и на ТВ-екраните. Беше модел и заштитно лице на неколку компании. Како модел и манекенка научи да јава коњи, но и да се искачува по карпи. Иако и таа професија ѝ се допаѓала, некако не се гледала во неа, наспроти љубовта кон возилата.

    Тоа беше еден дел од мојот живот. Беше интересно, не велам не, но љубовта кон ‘шоферлкот‘ не запре. Неколку години сум професионален возач, во поново време на тешки моторни возила. Сум возела и обични камиони, шлепери и ладилници, но сега киперот ми е предизвик, за што упатувам голема благодарност до колегите, кои ми помагаат. Да не се лажеме, не знам многу сама да се снајдам при менување гума“, вели Сашка, која има и две деца.

    Според неа, досега во Македонија не сретнала женски возач на кипер, но знае дека има жени кои возат тешки товарни возила. Во Струмица вели има девојка која вози шлепер. Таа апелираше до младите девојки ако имаат љубов и желба, да не се двоумат, оти, како што кажа, „шоферлкот“, не е само машка професија.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира