Шпанската влада ја усвои одлуката да се ископаат останките на поранешниот диктатор, генерал Франко и да се отстранат од контроверзниот национален мавзолеј, кој им оддава почит на жртвите на граѓанската војна.
Социјалистичката влада се надева дека амандманот ќе биде изгласан и во парламентот, веројатно по дебата наредниот месец, а ексхумацијата е планирана за октомври.
Овој амандман ѝ дава право на владата да го ексхумира телото на Франко, но се очекува неговите роднини и поддржувачи да се обидат да го блокираат тоа на суд.
Отстранувањето на останките на Франсиско Франко од Долината на паднатите, мавзолејот што тој го изгради на 50 километри од Мадрид, би бил значаен настан за Шпанија, која сè уште носи политички и социјални лузни од граѓанската војна 1936-39. Околу 34.000 тела на борци од двете страни се погребани во мавзолејот и некои никогаш не биле идентификувани.
„Постоењето на гробот на Франко во овој комплекс е непочитување на жртвите кои се погребани тука. Демократијата е неспоива со гроб кој го величи Франко“, кажа вицепремиерката Кармен Калво.