ШТИПЈАНЕЦОТ МИКИ ТРАЈЧЕВСКИ 30 ГОДИНИ ЖИВЕЕ НА УЛИЦА, ИМА ПРОЧИТАНО 6.000 КНИГИ И СПИЕ ПОКРАЈ БРЕГАЛНИЦА ОПКРУЖЕН СО ДАБАРИ

    ШТИПЈАНЕЦОТ МИКИ ТРАЈЧЕВСКИ 30 ГОДИНИ ЖИВЕЕ НА УЛИЦА, ИМА ПРОЧИТАНО 6.000 КНИГИ И СПИЕ ПОКРАЈ БРЕГАЛНИЦА ОПКРУЖЕН СО ДАБАРИТрајчевски ги прекинал студиите на Електротехничкиот факултет во Загреб зашто сакал да биде слободен како птица (Фото: СДК.МК)

    Штипскиот вљубеник во астрономија и воздухопловство Мики Трајчевски по цел ден, уште од рано утро, талка по градот и собира храна, книги и весници. Потоа ги чита седнат на клупа во центарот на Штип или во своето отворено живеалиште покрај Брегалница.

    Летното живеалиште му се наоѓа под тврдината Исар, меѓу Брегалница и градското стрелиште, а зимското под големиот мост на реката, во близина на градскиот базен. Кревет му се картони и разни стари душеци што му ги даваат. Во последно време не е сам, негови состанари се десетина дабари, кои се појавиле минатата година.

    Најверојатно поради тоа што одвојував од моето залче и им давав храна, ми станаа како телохранители. Кога оддлеку ќе осетат дека ми се приближува некоја друга животинка, се пуштаат да ме заштитат. Како кученца ги галам“, вели 55-годишниот Трајчевски, познат меѓу штипјани како Мики Ли, прекар што сам си го дал по неговиот филмски јунак Брус Ли.

    Порано згрижував млади бездомници и за нив почнав да просам. Сакав да им помагам зашто беа напуштени од дома, без никаква грижа и егзистенција. Добро е што социјалните служби ги прифатија, па така останав само со дабарите“, вели Трајчевски.

    Случајно го сретнавме пред ОУ „Ванчо Прќе“, каде што на една клупа читаше весници. Смета дека со тоа што често чита пред училиштата им дава пример на младите. Вели дека досега прочитал над 6.000 книги.

    Опсесија ми се астрономијата и воздухопловството. Навечер кога легнувам на отворено, гледам во ѕвездите и така на мој начин воспоставувам контакт со нив“, вели тој.

    Пред 20 години добил понуда да биде кореспондент во фабрика затоа што добро владее неколку светски јазици. Прифатил, но кога отишол во компанијата, му бил поставен услов да ја избричи брадата. Категорично одбил.

    Како што раскажува, покрај Брегалница живее пет години. Претходно живеалиште му биле старите хангари на спортскиот аеродром „Сушево“ кај приградската населба Три Чешми. Кога се направиле новите хангари, морал да се пресели, па одлучил тоа да биде поблиску до Штип.

    Трајчевски завршил средно образование во ЕМУЦ „Коле Нехтенин“ во Штип, потоа се преселиле во Лесковац, од каде што потекнувал татко му, кој бил воен пилот. По неговата смрт, на Мики му помагале роднини и така се запишал на Електротехничкиот факултет во Загреб. Таму изучил неколку светски јазици, но по две завршени години ги прекинал студиите, зашто, како што вели, сакал да биде слободен како птица. Веќе 30-ина години талка низ градот и живее испоснички.

    Социјални примања нема, а тоа што го добива од луѓето, го дели со други сиромашни луѓе кои ги познава, а во последно време и со дабарите.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира