СЛЕПИТЕ ЛИЦА СЕ ВРВНИ ШАХИСТИ, НО ДО ШАХ ТЕШКО ДОАЃААТ

    СЛЕПИТЕ ЛИЦА СЕ ВРВНИ ШАХИСТИ, НО ДО ШАХ ТЕШКО ДОАЃААТПо повод 4 Номеври, Денот на ослободувањето, во Битола се одржува меѓународен турнир во шах за слепи лица, а присуствуваа учесници од целиот Балкан. (Фото: СДК.МК)

    Слепите лице немаат многу можности за забава, па шахот им е една од најомилените друштвени игри. Само што шах за слепи е тешко и скапо да се набави, вели Стевче Костадиновски, претседател на Здружението на слепи лица од Битола.

    Еден релјефен шах заедно со часовник чини од 200 до 300 евра и вакви реквизити за друштвени игри во Македонија нема, па треба да се набават од странство. Најчесто со шахови за слепи лица располагаат здруженијата, па тие се сврталиште на лицата со оштетен вид каде можат да уживаат во друштвените игри.

    „Релјефниот шах е поразличен. Фигурите се ставаат во дупчиња со дрвце надолу за да не паѓаат. Шахот го играме со допир и со говор. Има играчи кои ја знаат цела релјефна табла на памет и сите потези ги знаат пред време“, рече Костадиновски.

    По повод 4 Номеври, Денот на ослободувањето, во Битола се одржува меѓународен турнир во шах за слепи лица, а присуствуваа учесници од целиот Балкан.

    „Здруженијата на слепи лица од Битола и Лесковац од Србија се збратимени половина век. Ваквите дружби многу ни значат зашто немаме некој голем избор на места со соодветна друштвена забава кои можеме да ги посетиме. Кај нас во Србија многу од слепите играат шах, шахот ни е игра број еден за дружење во Србија. Имаме и школа за шах, па четворица млади со оштетен вид се прваци во Србија. Инаку во Здружението се повеќе доаѓаат постари лица кои го губат видот од дијабетес“, вели Миливоје Ѓоќиќ, претседател на Организација на слепи и слабовидни лица од Лесковац, Србија.

    Во Битола годинава се одржа и Олимпијадата во шах за слепи лица. Во градот има и двајца битолчани со оштетен вид кои се врвни шахисти. Едниот е првак во Македонија и освоил петто место на светско првенство, а другиот бил шести на Олимпијадата.

    Покрај шах постои и домино за слепи, не лути се човече, релјефни карти, а компјутерот со брајово писмо чини седум илјади долари.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира