Италијанската филмска дива Софија Лорен итно беше оперирана откако паднала во бањата во својот дом во Швајцарија. Осумдесет и деветгодишната актерка притоа се здобила со сериозни скршеници на колкот и бедрената коска, изјави нејзиниот менаџер Андреа Џусти.
„Операцијата помина добро, сега ѝ треба одмор и сѐ ќе биде во ред“, изјави портпаролот на Лорен, додавајќи дека нејзините деца Карло и Едоардо се покрај неа.
Родена во сиромашно семејство во Неапол, Лорен изгради успешна актерска кариера, станувајќи ѕвезда и во Холивуд. Во 1962 доби Оскар за најдобра актерка за филмот „Две жени“, а во 1990 ѝ беше доделен и почесен Оскар. Последниот филм го сними пред три години.
Лорен утре во Бари требаше да присуствува на отворањето на новиот ресторан од ланецот „Софија Лорен“, четврти во Италија, по оние во Милано, Фиренца и Рим.