Во една живописна долина покрај реката Брегалница, меѓу селата Кучичино и Теранци, се наоѓа еден од поновите манастири што го носи името на Света Петка.
Важи за еден од поновите црковни објекти во рамките на Брегалничката Епархија кој датира од почетокот на 2000-тите, чија изградба ја започнал долгогодишниот столар од кочанското село Чифлик, Боро Стефанов. Тој веќе ја полни 86. година од својот живот, но со виталноста што ја поседува и натаму го одржува и гради овој црковен објект.
„Местото каде што се наоѓа манастирот лежи на студено кладенче откриено одамна од еден мој пријател, кој откако се разболе ме замоли да го одржувам и градам, за да може секоја година да собира многу луѓе од овој крај. Од 2010 наваму ниедна шајка не е закована од друг, туку исклучливо од мене. Целата столарија и покривите на неколкуте мали објекти изработени од дрво исто така се моја градба. Масите и клупите од чисто дрво исто така се моја донација и моја лична изработка“, вели Стефанов.
Во последните години не е сам, туку има помош од неговите деца, а во последно време и од 12 правнуци.
„Помош имам и од голем број луѓе од селата кои гравитираат кон манастирот и имаат своите ниви и насади во оваа околина. Посебна е нивната помош на одбележувањето на 8 август, денот на Света Петка. Во неколку котли се прави манастирска манџа. Цела група жени се вклучени во кујната и во средувањето на неколкуте покриени трпезарии што се изградени во последните неколку години“, вели големиот неимар Боро, познат во кочанската околија како Боро Столарот од Чифлик.
Дека е неуморен неимар зборува и фактот дека според неговите зборови, нема столарија во црковен објект во околијата која не е негово дело. Целите граѓа, греди, штици и слично поминале низ неговите раце. Прво биле обработени во неговата столарска работилница во селото Чифлик, каде што живее, а потоа носени по објектите каде биле вградувани. Обично за превоз користи велосипед, што без проблеми го управува и на овие години.
„Кога треба да се носи некаков материјал, тогаш барам друг превоз. Видот ме служи, не ми трепери раката при ковањето шајки. И мислам вака да терам и понатаму“, вели Стефанов.
Т. ЈОВАНОВСКИ