Почна првата целодневна културна програма на овогодинешниот „Таксират Фестивал“ која ја преземаат и стримаат повеќе од 70 партнери во 24 држави, фестивали, артисти, промотери, клубови, издавачки куќи, кои ќе ја емитуваат премиерата на ПИН ТВ низ Европа. Денеска таа ќе трае до полноќ.
ПИН ТВ ќе се емитува премиерно на третиот канал на МРТ и на Јутјуб и Фејсбук каналите на „Таксират Фестивал“ и Пин музичката конференција.
„Од Раде Шербеџија до Фејт Ноу Мор, од Уганда до Западно Ѓорче, со над 200 гости и изведувачи од 40 држави, Таксират Фестивал ви спреми досега најдолга и најбогата културна ТВ програма“, вели организаторот Пасворд продукција.
Форматот на ПИН ТВ тече со кратки и едукативни дискусии, музика и забавни содржини. Програмата ја води Ида Престер, која ќе најави повеќе од 50 различни содржини, во кои на најважните теми ќе дискутираат професионалци од областа на културата.
На секој час ќе се емитуваат дел од концертите, а целосните настапи ќе бидат емитувани во текот на цел декември, кој е традиционално „резервиран“ за Таксират Фестивал. Планирани се 20 концерти на домашни и странски изведувачи, меѓу кои: Молчат дома (бе); Џајковски (мк); Атна (ге); Фулу Мизики (цг); Алексија Си (гр); Бернајс пропаганда (мк); Бохемијан кристал инструмент (че); Че Судака (шп); Видрапена бузирка панк систем (сл); Суперхикс (мк); Шелтер бој (ге); Гвакајо (ге); Џамбо Агушеви оркестра (мк); Јон Ајди (мк); Тока Шитет (мк); Фанки фреш (мк); Антоние Весковски (мк); Љубојна (мк), Перија (мк); Крук д кид (ка), Кат јор нипл (мк).
С. К. ДЕЛЕВСКА