ТЕТОВО ЧЕТИРИ ГОДИНИ ИМА НУРКАЧКИ КЛУБ КОЈ УЧЕСТВУВА И ВО АКЦИИТЕ ЗА ЧИСТЕЊЕ НА ЈАДРАНСКОТО МОРЕ

    ТЕТОВО ЧЕТИРИ ГОДИНИ ИМА НУРКАЧКИ КЛУБ КОЈ УЧЕСТВУВА И ВО АКЦИИТЕ ЗА ЧИСТЕЊЕ НА ЈАДРАНСКОТО МОРЕНуркачкиот клуб „Пена“ има 10-мина сертифицирани нуркачи и работи како дел од Хрватско-македонското друштво од Тетово (Фото: СДК.МК)

    Тетово не излегува на море, нема ни езеро, а реката Пена е длабока одвај еден метар, но и покрај тоа, градот има нуркачки клуб. И тоа многу успешен.

    Нуркачкиот клуб „Пена“ постои од 2017, има 10-мина сертифицирани нуркачи и работи како дел од Хрватско-македонското друштво од Тетово. Своите нуркачки активности ги спроведува во Охридското и во други македонски езера.

    „Нашиот клуб активно учествува во чистењето на сметот што се фрла во езерата. Двапати учествувавме во чистење на Охридското Езеро, имавме акции и на Мавровското Езеро, а ги чистевме и Младост кај Велес, Дојранското, Тиквешкото и Беровското Езеро. Во некои езера чистењето оди лесно, но во некои навистина е тешко да се работи. Такво е езерото Младост, каде видливоста на водата е многу мала и затоа користевме многу силни светилки. Наоѓаме најразновиден отпад, најмногу пластика. Работата на поголеми длабочини носи и поголеми ризици. Сето тоа бара голема подготвеност и добра опрема“, вели Илија Илиевски од нуркачкиот клуб „Пена“.

    Успешната работа на овој нуркачки клуб е препозната и од нивните колеги од Хрватска, па доби покана да помогне во чистењето на Јадранското Море, во местото Молунат на крајниот југ на хрватското приморје.

    „Хрватска секоја година организира акции на чистење на нејзиното морско дно. Тоа се акции од меѓународен карактер. Оваа година се собраа над 120 нуркачи од Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Унгарија, Словенија, Чешка и Македонија. Од нашиот клуб учествуваа седуммина нуркачи, а имаше и од Охрид. Акцијата траеше четири дена, се работеше на длабочина од околу 10 метри и за тој период, од морското дно беа извадени околу четири тони смет“, вели Горан Видачек, нуркач и претседател на Хрватско-македонското друштво од Тетово.

    Тој вели дека престојот имал и рекреативен дел, со можност да нуркаат до потонатиот брод на австро-унгарската морнарица „Кајзер Франц Јосиф Први“.

    „Бродот по завршувањето на Првата светска војна се нашол во Бока Которска и бил предаден на сојузничките сили, но во 1919 година, при едно големо невреме, потонал во увалата Ципавица на влезот во заливот Бока Которска. Бродот лежи на 40 метри длабочина во територијалните води на Хрватска и претставува голема нуркачка атракција“, вели Видачек.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира