ТИ ВОДО ДОЈДЕ, ЈАС СИ ЗАМИНАВ – АБДУРАМАН-ПАША ГО НАЛУТИЛ СУЛТАНОТ СО ИЗГРАДБАТА НА ТЕТОВСКОТО КАЛЕ

    ТИ ВОДО ДОЈДЕ, ЈАС СИ ЗАМИНАВ – АБДУРАМАН-ПАША ГО НАЛУТИЛ СУЛТАНОТ СО ИЗГРАДБАТА НА ТЕТОВСКОТО КАЛЕГрадбата на Тетовското калеја започнал Реџеп-паша во 1795. Калето се градело 20 години, а изградбата ја завршил неговиот син Абдураман-паша кој од 1831 до 1843 живеел во тврдината (Фото: СДК.МК)

    Шарена џамија, Арабати Баба теќе и Калето се исклучително вредни архитектонски бисери изградени од Реџеп-паша, кој владеел кон крајот на 18. и почетокот на 19. век. Во тој период ослабнала централната османлиска власт па тоа го искористил Реџеп-паша и подоцна и неговиот син неговиот син Абдураман-паша па го прошириле својот пашалак од полод па на север север до Косово, на исток до Штип, а на југ дури до Охрид. Богатството кое го стекнале го искористиле да ги изградат најубавите градби од тоа време во Тетово.

    Реџеп-паша во текот на своето владеење станал голем почитувач на бектешизмот. Во негово време, на местото каде сега се наоѓа Арабати Баба теќе постоело мало дервишко теќе на бектешката дервишка заедница кое било изградено некаде во 16. век. Реџеп-паша на теќето му дал големи имоти и ја запчнал реконструкцијата и доградбата постоечкиот објект. Теќето со текот на времето се проширило, се збогатило, биле изградени повеќе други прекрасни градби со што станало едно од најубавите и најголеми дервишки теќиња на Балканот. Во теќето се наоѓа и саркофагот со посмртните останки на Реџеп-паша бидејќи и самиот паша станал следбеник на бектешизмот.

    Реџеп-паша во текот на своето владеење станал голем почитувач на бектешизмот

    Сакајќи уште повеќе да ја зацрврсти својата власт, но и да се одбрани од непријателите, Реџеп-паша решил да изгради голема тврдина. Местото на градбата самото се наметнало. Тоа е брдото над Тетово наречено Бал Тепе (Меден врв). Неговата доминантна и стратегиска положба била идеална за една ваква голема тврдина. Реџеп- паша владеел 50 години, но за жал не успеал да дочека калето да биде целосно изградено па неговата градба ја довршил синот Абдураман-паша.

    „Тврдината се простира на површина од 108 илјади квадратни метри, изградени се ѕидови дебели од 3 до 5 метри кои на некои места се високи и преку 10 метри изградени од бигор камен. Градбата на тврдината односто познатото Тетовско кале ја започнал Реџеп-паша во 1795 . Калето се градело 20 години, а изградбата ја завршил неговиот син Абдураман-паша кој од 1831 до 1843 живеел во тврдината. Во калето имало 2 монументални порти, 2 помали порти, 9 кули, објекти и кујна за војската, набљудувачници, како и 2 сараи, каде престојувал пашат“, вели Љуљета Абази, виш кустсос во Музеј на тетовскиот крај, а која е и директен потомок на Реџеп-паша.

    Во теќето се наоѓа и саркофагот со посмртните останки на Реџеп-паша бидејќи и самиот паша станал следбеник на бектешизмот (Фото: СДК.МК)

    Таа продолжува дека и за  изградбата на Калето се сврзани многу легенди. „Посебно се интересни оние три тунели кои воделе од Калето и кои служеле за евакуација. Едниот бил во правец на соседното село Лавце, вториот одел кон реката Пена, а за третиот завршувал во градот кај што сега се наоѓа старото медицинско училиште. За овој третиот има кажувања дека бил многу голем, па се зборува дека низ него можело да се минува со пајтон. Кога вршевме археолошки ископувања на Калето на северната страна од ѕидините најдовме отвор што најверојатно служел како вентилација за еден од тунелите. Но потребни се многу средства за да се откријат и овие тунели кои сега најверојатно се затрупани“, вели Абази.

    Освен ова Реџеп-паша има заслуги и за развојот на христијанската заедница на неговите имоти. Тој му дозволил на Кирил Пејчиновиќ да го возобнови Лешочкиот манастир кој тогаш бил запустен. Со неговото возобновување манастирот ќе стане најзначаен културен и просветителски центар на христијаните од овој крај ни и пошироко. Во знак на благодарност кон пашата, во манастирот и денес се наоѓа единствениот зачуван портрет на Реџеп-паша и на неговиот син Абдураман-паша.

    Вентилационен отвор за тунелите (Фото: СДК.МК)

    И судбината на Абдураман паша, најстариот син Реџеп паша, директно е поврзана со судбината на тетовското Кале. Калето е изградено на простор на кој нема вода и Реџеп-паша, а и неговиот син правеле големи напори да донесат сода до тврдината. Тоа не била ни малку лесна работа.

    „Водата до Калето е донесена од месноста Бела Вода над селото Лавце. При археолошките ископувања го најдовме резерварот, а најдовме и керамички водоводни цевки со кои се носела водата. Но, да се донесе водата до тврдината не било ни малку лесно и изградбата на водоводот траела со години. И кога Абдураман-паша конечно го доградил водоводот и кога водата протекла низ чешмите во Калето, му дошло писмо од султанот. Пашата видно пребледел го дал писмото на советникот да го прочита иако веќе знаел што бара султанот. Абдураман-паша и неговите браќа подолго време одбивале да му праќаат војска на султанот за неговите походи. Тоа султанот го многу го разлутило а и самот факт што изградил големо Кале било сметано за знак на непослушност кон централната власт. Легендата вели дека кога го добил писмото од султанот Абдурама-паша само тажно рекол ‘Ти водо дојде, а јас заминав’. За неговото заминување во Цариград сврзана е уште една легенда. Кога дошол до градот знаел дека народот ќе биде гневен кон него, бидејќи пројавил напослушност, па постоела можност да биде нападнат и каменуван. За да го придобие народот Абдураман-паша, одејќи со пајтон низ улиците на Цариград кон султановата палата фрлал златници па народот место да го каменува бил воодушевен од него. Но, ни ова не го спасило од горката судбина. Од Цариград никогаш не се вратил и не се знае каде е неговиот гроб. Се препоставува дека султанот го пратил во некој поход каде и загинал“, вели Абази.

    При археолошките ископувања е најден резерварот, како и керамички водоводни цевки со кои се носела водата (Фото: СДК.МК)

    По неговата смрт моќта на тетовските паши многу опаднала, дел од наследниците се разотишле а мал дел останале и понатаму во Тетово. Калето почнало постепено да пропаѓа а околното население често го земало каменот од бедемите и го користело за градење на куќи.

    Теќето во 1945 го напуштил и последниот дервиш. Оттогаш, па сè до 1967 година, овој објект бил празен, за во почетокот на 70-те години почнал да се користи како угостителски објект, а во еден дел бил сместен и Музејот на тетовскиот крај сè до конфликтот од 2001 година. Во меѓувреме, во 1994 година, во Теќето повторно се враќаат неколку бектеши, претежно од Македонија, кои остануваат до денес таму да живеат и да ги извршуваат своите верски ритуали додека другиот дел од Теќето го користи Исламската верска заедница.

    Шарената Џамија е ставена под заштита на државата како културно историски споменик и преставува најголема туристичка атракција во Тетово. Меѓу позначајните објекти од 19 век е и беговската куќа изградена од наследниците на Реџеп-паша и Абдураман-паша. И овој прекрасен и репрезентативен стамбен објект, е ставен под заштита на државата.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира