ЦЕНТАРОТ „СЛАВЕЈ“ Е ЕДИНСТВЕНИОТ ПРОИЗВОДИТЕЛ НА ОРТОПЕДСКИ ЧЕВЛИ И ПОМАГАЛА ВО ЗЕМЈАВА, ГОДИШНО СЕ ПРАВАТ НАД 8.000 ПАРА ПО МЕРКА

    ЦЕНТАРОТ „СЛАВЕЈ“ Е ЕДИНСТВЕНИОТ ПРОИЗВОДИТЕЛ НА ОРТОПЕДСКИ ЧЕВЛИ И ПОМАГАЛА ВО ЗЕМЈАВА, ГОДИШНО СЕ ПРАВАТ НАД 8.000 ПАРА ПО МЕРКАЦентарот за ортотика и протетика „Славеј“ е формиран во 1949 како државно претпријатие (Фото: СДК.МК)

    Уште на влезот во Скопје кога ja вклучувате навигацијата за Центарот за ортотика и протетика „Славеј“, патот ве води кон улицата Васил Ѓоргов во населбата Козле. Таму, во непосредна близина на Капиштец, се наоѓа зградата каде што е сместен Центарот. Во објектот ве пречекува вработена на приемното одделение, од левата страна е изложбен салон со ортопедски колички и помагала, а од десната страна се просториите каде што се зема мерка за ортопедските обувки.

    Ацо Калабаков е раководител на чевларското одделение. Со внимание го гледа хендикепот, на хартија го оцртува стапалото и прашува каков модел сакате, покажувајќи ви примероци. Нацртаната кројка се носи на приемно за изготвување налог, кој се доставува до чевларското одделение.

    Таму на катот има голема работилница, хала долга над 50 метри, а широка дваесетина, единствената во Македонија која изработува ортопедски чевли и помагала. Ја опслужуваат 12 мајстори-кондураџии, специјализирани за производство на вакви специјални обувки.

    „Работилницата е опремена со специјални машини за сите операции при изработка на чевлите. За секој чевел се прави посебен калап, во зависност од деформитетот и мерката што е утврдена. Обувките се изработуваат исклучиво од чиста кожа, најмногу од телешка и овча“, вели мајстор Калабаков, кој со кондураџиство се занимава повеќе од 32 години, а во центарот „Славеј“ е од 2009.

    Тој додава дека секој мајстор си ја знае својата работа: еден мајстор е задолжен за модели, друг за кроење на кожата, има неколкумина мајстори за шиење, од кои две се жени, има мајстор за правење калапи и на крајот доаѓаат монтажата и финалниот производ. Сите овие процеси се изведуваат рачно, од сечењето на кожата со нож, до правењето на калапите и монтажата. Месечно се изработуваат над 600 чифта ортопедски чевли.

    Работилницата е опремена со специјални машини за сите операции при изработката и за секој чевел се прави посебен калап (Фото: СДК.МК)

    Директорот на Центарот, Горан Чаловски, ја надгледува работата и ги договара наредните обработки и пратки.

    „Мора сериозно да се посветиме на работата затоа што компанијата има мошне одговорна и хумана дејност. Годишно се произведуваат над 8.000 најразновидни ортопедски чевли и помагала, кои се прават по мерка на корисниците. Ги има сите видови, и лесни до најтешките хендикепи. Затоа се формирани неколку одделенија. Покрај чевларското одделение, кое објективно има најмногу работа, формирано е и одделение за ортотика и протетика со 12 вработени, кое се занимава со ортози и протези. Овие помагала се специфични, затоа што се работи за најсовремени протези и за тешки хендикепи. ‘Славеј‘ е единствената компанија во регионот во која ортозите и протезите се изработуваат со CAD технологија. Комерцијалното одделение брои 24 вработени и има продажни салони во 10 градови во Македонија“, вели Чаловски и додава:

    „Цените на репроматеријалите постојано се зголемуваат, посебно во последните години. Обувките се изработуваат од чиста кожа, најмногу од телешка и овча. Порано кожата се набавуваше од ‘Годел‘ и од кожарите во Куманово и Битола, но денес кога нема домашни кожари, таа се увезува најмногу од Италија и Турција“.

    Центарот за ортотика и протетика „Славеј“ е формиран во 1949 како државно претпријатие. До 1990 беше единствената државна компанија во Македонија која произведуваше ортопедски чевли и помагала за сите возрасти. По сеопштата трансформација во тоа време, „Славеј“ го промени својот статус, стана приватна компанија и денес работи како акционерско друштво како единствен производител на ортопедски чевли и други ортопедски помагала во Македонија.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира