УКРАСНИ ПТИЦИ СЕ ОДГЛЕДУВААТ ОД ЉУБОВ, А НЕ ЗА ПАРИ – ИЗЛОЖБА НА УКРАСНИ ПТИЦИ ВО ТЕТОВСКО БРВЕНИЦА

    УКРАСНИ ПТИЦИ СЕ ОДГЛЕДУВААТ ОД ЉУБОВ, А НЕ ЗА ПАРИ – ИЗЛОЖБА НА УКРАСНИ ПТИЦИ ВО ТЕТОВСКО БРВЕНИЦАВо тетовското село Брвеница се одржува 12. по ред изложба која и овој пат ја организира тетовскиот клуб „Дијамантски Петел“ со над илјада украсни птици. (Фото: Зандон)

    Спортската сала во тетовското село Брвеница овие два дена е претворена во мегдан каде, наместо спортистите, своите квалитети ги покажуваат над илјада украсни птици на 12. по ред изложба која и овој пат ја организира тетовскиот клуб „Дијамантски Петел“. На оваа, една од најголемите изложби на украсни птици во Македонија, изложени се десетици видови гулаби, голем број егзотични кокошки и петли, фазани, папагали, па сè до две млади пилиња на африкански ној. Голем број посетители ги гледаат овие пернати убавини, а присутни се и повеќе одгледувачи, дел како учесници на изложбата, а дел како заинтересирани за тоа што има ново и интересно во светот на украсните птици.

    „Гулаби одгледувам речиси 40 години и сега имам околу 250 гулаби, пред сè ‘Масарки’, ‘Српски летачи’, ‘Македонски Дунеци’ и ‘Поштари’. Месечно за нив одвојувам по 50-60 евра за храна за лекови. За некого тоа се многу пари дадени за некакви птици, но за мене важи правилото: ако имаш љубов кон овие птици тогаш нивното чување воопшто не е тешко. Она што најтешко ми паѓа при одгледувањето на гулабите е моментот кога крадците ќе ти го украдат она што со години си го негувал, одгледувал и во што си уживал. Мене досега три пати ми ги краделе гулабите. Крадците често пати знаат и вооружени да доаѓаат за да крадат. Но, љубовта кон овие птици продолжува и понатаму и гулабите се дел од мојот живот“, раскажува Дончо Марковски, гулабар од Брвеница.

    Дека љубовта кон украсните птици нема граница потврдува случајот на професорот Божо Бубало кој дома има преку 1.000 украсни птици. Тој вели дека пред 15-тина години и можело да се егзистира од одгледување на украсни птици, но денес тоа е невозможно. Она малку што во текот на месецот ќе се успее да се продаде не е доволно ни да се задоволат потребите од храна за птиците, а камоли да остане некоја пара.

    „Тешко е денес да се живее од продажба на украсни птици. Еве на оваа изложба се претставени, така да кажам ‘последните Мохиканци’ во државата, но ова се оние најупорните одгледувачи кај кои сè уште гори љубовта кон украсните птици. За сите што сме овде, одгледувањето и љубовта кон птиците е пред сè и над сè. Тоа задоволство на душата што го даваат овие пердувести миленичиња со никакви пари не може да се купи. Јас чувам неколку стотини разновидни птици, од гулаби, украсни шатки, фазани, папагали па се до мисирки. Мислам дека моја колекција на птици е побогата од скопската и битолската зоолошка градина заедно. Кога ќе почне човек да пресметува колку пари дава за одгледување на овие птици почнува глава да го боли. Јас за нив месечно давам повеќе од мојата професорска плата и да не е помошта од мојот татко, кој неизмерно ми помага, тешко би излегол на крај. Секако дел од птиците се продаваат но за жал кај нас квалитетната птица нема добра цена. За таа добро да се продаде треба да се излезе надвор од државата но тоа нас нè чини многу пари и е премногу компликувано“, пренесува дел од своето искуство со одгледувањето украсни птици Божо Бубало професор во основното училиште Димитар Миладинов во Скопје.

    Тетовскиот клуб на одгледувачи на украсни птици и ситни животни „Дијамантски петел“ и оваа година се покажа како успешен домаќин.

    „Ова е 12. изложба на украсни птици која ја организира нашиот клуб во соработка со македонската Асоцијација на украсни птици. Овој пат изложбата има и интернационален карактер бидејќи има претставници од соседна Србија а и жирито е од интернационален состав од Бугарија, Хрватска, Србија како и од Македонија. Акцентот на оваа изложба е ставен на македонските раси на гулаби не само од Тетово, туку и од другите региони на Македонија. Нашата цел како Асоцијација, е да ги стандардизираме овие раси не само во Македонија, туку и на европско па и светско ниво. Процесот оди многу тешко бидејќи свеста кај одгледувачите за запазување на одредена раса е на многу ниско ниво. За среќа еве има луѓе кои ги познаваат процедурите за стандардизирање на една раса и ги променуваат. Ние со големи напори, благодарение на искуства од нашите пријатели од поразвиените сојузи од Бугарија, Србија и Хрватска, успеавме нашиот голуб познат како ‘Вртач Дунек’ да го стандардизиравме во Европскиот сојуз каде го носи бројот 1029 и засега тој е единствена македонска раса која е стандардизирана. Но, тука не застануваме, напорно работиме да добиеме стандардизација на уште неколку раси гулаби пред сè на македонската ‘Масарка’, тетовскиот автохтон гулаб така наречен ‘Црвен средноклун гулаб’ како и на други раси гулаби од повеќе региони на Македонија“, вели Ванчо Илиевски претседател на клубот „Дијамантски петел“ од Тетово и организатор на изложбата.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира