Велешанецот Лазар Смилев е вистински уметник за тесто. Со своите креации и вредните раце има освоени бројни први места на натпревари кои се одржувале пред многу години во Македонија. Од брашно и вода, или тесто, ги има создадено Градскиот Саат, Железниот мост во Велес, Македониумот од Крушево, Ајфеловата кула од Париз.
„Сите тие ги создадов на натпревари и тоа во рок од четири часа. Толку време имавме да ги создадеме. Но не се јадеа, оти се подготвени од специјално тесто, беа само експонати, за гледање не за јадење. Голема конкуренција имав во тетовчани и тие беа големи мајстори“, вели Лазар.
Тој пекарскиот занает го изучувал како средношколец. Работел во киоск во центарот на Велес. Се сеќава дека имало премногу работа, но биле одлично платени.
„Се што ќе испечеме, ништо не остануваше за јадење, сѐ се продаваше. Првиот автобус одеше во чеитри и пол сабајле и работниците купуваа. Се одеше на работа во три тури. Имаше за сите, бурек, симитчиња наутлии, кој што сака. Река народ одеа на работа, во ‘Порцеланка’, ‘Лозар’, ‘Свилара’. Ништо не остануваше, сѐ се јадеше. Народот работеше и имаше пари“, вели Смилев.
Од таму се префрлил во пекарата на „Жито Вардар“, каде од 1960 до 2000, кога заминал во пензија, ја готвел надалеку познатата пита пастрмалија.
„Питата пастрмалија започнувавме да ја правиме од 29 Ноември до верскиот празник Прочка. Тоа беше сезоната, ни ден порано, ни ден подоцна. Напорно беше во викендите. Тогаш беше шпицот, навалица. Наутро почнувавме од 3 да го подготвувавме тестото, и веднаш по нас доаѓаа првите муштерии. Седеа и се дружеа, муабетеа. Носеа ракииче, мезенце и така додека им дојде редот. Многумина не се знаеја, но не пречеше да се разврзе муабет. Питата беше статусен симбол на велешани. Сами си носеа мастраф, јајца, месо, сало, ние само тестото го подготвувавме. Душа ми паѓаше од месење тесто“, вели Смилев. Гордо соопштува дека секоја сабота и недела тој сам подготвувал по 500 пити пастрамлии на една печка, а заедно со другите две излегувале на ден по 1.500 парчиња специјалитет. Така било сѐ до 1990-тите години. Потоа бројните приватни ресторани започнале да ја ситнат работата.
„Имаше и натаму нарачки, но не беше таква гужва, како што паметиме. Некои работи се сменија. Почнаа питата да ја јадат навечер, иако таа со својата калоричност е вистинска бомба. Не знам како можат да ја јадат ноќе. На времето се знаеше, пита се јаде за појадок или ручек, и сит си за цел ден, каква вечера. Освен ова што се промени, ја измелезија и пастрмалијата. Почнаа и свинско да ставаат. Треба да се знае, велешка пита е саде со пастрма и јајца, друго месо нема. Секоја фабрика имаше свој ден кога правеше пити за работниците. Еден ден за работниците од ‘Монопол’, друг ден за нас ‘Жито Вардар’, па ‘Брако’, ‘Стопанска банка’. Памтам, мажите беа тие што чекаа преку викенд и велеа, ‘еднаш во неделата јас сум должен да направам ручек’. Често доаѓаше, Бог да го прости, Петре Прличко. Како роден велешанец, преку зимо ќе дојде и специјално ќе нарача пити, ќе поседи со нас, ќе ја каже некоја да се насмееме, се шегуваше многу. Кога ќе бидат готови ги пакуваше и си одеше дома. Правев и за големци, ама не знам за кого, ќе нарача директорот толку пити, не кажуваше за кого, и правев специјални, но остана тајна кого се нахранив со пастрмалија“, вели Лазар.
Неговите пресметки се дека за целиот работен век од пет децении има зготвено околу 2 милионa парчиња, или колку да ја нахрани цела Македонија.
П. ПЕЧКОВ