Украинецот Витали Седиук кој во саботата се качи на Евровизиската сцена во Киев, среде настапот на ланската победничка Џамала и ги соблече панталоните, е сериски шегобиец, познат по многу други случаи кои вклучуваат познати светски ѕвезди.
Во 2012 година, американскиот актер Вил Смит му удри шлаканица кога Витали се обиде да го бакне во уста за време на премиерата на „Луѓе во црно 3“.
Следната година тој, исто така, се проби на сцената на Греми награди кога ѝ се доделуваше награда на британската пејачка Адел.
Покрај ова, тој се обиде да ги гушне актерите Брадли Купер и Леонардо ди Каприо, а еднаш успеа да ја бакне манекенката Миранда Кер.
Претходно, Витали изведе слична сцена и со Ким Кардашијан, по што беше сериозно критикуван. Некои го нарекоа чинот сексуален напад, бидејќи Витали се навали кон нејзиниот задник додека таа поминуваше улица во Париз.
Меѓутоа, тој го бранеше своето однесување, пишувајќи на Инстаграм: „Јас протестирав против Ким, затоа што таа користи вештачки импланти за задникот. Ја поттикнувам неа и останатите од кланот Кардашијани да ја популаризираат природната убавина меѓу девојките и тинејџерки кои ги следат и ги бранат слепо. Се колнам дека не знаев дека таа ќе биде таму. Така што требаше бргу да ми текне некоја идеја.“
Витали предизвика контроверзи и во 2013 година, кога успеа да се протне на црвениот тепих на 67. Издание на Канскиот филмски фестивал. Тој се прикраде зад актерката Америка Ферера и ја пикна главата под нејзиниот огромен фустан.
Во саботата, за време на настапот на минатогодишната победничка Џамала, во паузата додека траеше гласањето и имаше мало шоу, Витали се качи на сцената до пејачката нагрнат со австралиско знаме. Во еден момент се чинеше дека тоа е дел од кореографијата оти тој заигра околу неа, а таа продолжи да пее како ништо да не се случило, по што тој ги слече панталоните и го покажа голиот газ на камерата. Веднаш беше совладан од обезбедувањето и симнат од сцената.