Чешката полиција уапси 22-годишен лажен стоматолог и двајца негови помошници, откако лекувале десетици пациенти користејќи инструкции од интернет.
Полицијата кажа дека тројцата членови на едно семејство пред две години отвориле стоматолошка ординација без лиценца во нивниот дом во Хавличкув Брод. Притоа лекувале пациенти без неопходното професионално знаење.
„Дваесет и двегодишниот маж вадел заби, изведувал сложени операции на забите и давал анестезија со помош на информации пронајдени на интернет. Сите тројца ги признаа обвиненијата“, кажа полицијата.
Тие сега се соочуваат со затворска казна до осум години. Полицијата не кажа дали некој од пациентите се пожалил за нивниот третман. Ординацијата на овој начин заработила четири милиони чешки круни (161.000 евра).
Покрај лажниот забар, во ординацијата работеле и 50-годишна жена како медицинска сестра и 44-годишен маж, кој правел протетски помагала за пациентите. Тие се обвинети за водење незаконски бизнис, перење пари, обид за напад, кражба и за трговија со дрога.