Во чест на Невена Кочовска, легендарната пејачка на ансамблот „Мањифико“, нејзиниот сопруг Панче Кочовски и ќерките Лидија и Тања низ солзи ја испеаја нивната семејна химна „Мама Хуанита“, на изложбата по повод 65 години од основањето на ансамблот.
Преку 240 експонати, како дел од историјата на легендарниот ансамбл кој настапувал во 32 земји, сношти беа изложени во фоајето на Националната опера и балет (НОБ). За „Мањифико“ беа изложени постери, исечоци од весници, слики, награди, плочи, касети и други спомени. Панче Кочовски претходно ни кажа дека повеќе од 30 години ги собирал материјалите и ги чувал во шест куфери.
„Оваа песна ја пеевме со нашата мајка, таа е нашата семејна химна. Поради тоа што Невена не е со нас, во нејзина чест ќе ја отпееме, ‘Мама Хуанита‘, дел од композицијата“, рече актерката и пејачка Тања Кочовска.
Невена Кочовска почина на 25 август во 2022, на 81 година, по долга борба со Алцхајмерова болест. Кочовска до самиот крај не ги заборави стиховите на песните на шпански јазик кои ги пела со „Мањифико“.
Откако ја испејаа нивната химна во придружба на гитарист, присутните коментираа дека Панче Кочовски звучи одлично, како да е активен музичар и сега.
„Ансамблот ‘Мањифико’ е формиран во август во 1959 година и својата кариера ја завршува на 22 јуни во 1990. Членовите на овој музички состав уште на самиот почеток со интерпретација на повеќе жанрови и стилови го почуствувале интернационализмот и глобализацијата на мучката уметност. Сепак се определиле за латиноамериканската музиика и за италијанска шансона. Во 31-годишната музичка одисеја, музицираа десет постојани и двајца повремени музички уметници. Ги имаат гледано преку 8 милиони луѓе. Невенка Кочовска беше солистички вокал и ѕвезда на ансамблот“, кажа актерот Предраг Павловски, сопругот на Тања Кочовска, кој ја водеше изложбата.
Меѓу гостите беше и тапанарот Гарабет Тавитјан.
„Сите ние што растевме низ градов и се збиравме кај некогашната Француска школа пред земјотресот, учевме музика со ‘Мањифико’. Таму се формираа првите скопски бендови“, ни рече Тавитјан.
На изложбата дојдоа и многу пријатели на семејството Кочовски меѓу кои Дарио Панковски, Зорица Поп-Панкова, Петар Галев кој беше член на составот, актерот Благоја Чоревски, новинарот Тимчо Апостолов.
„Мило ми е што се видовме, што видовте дел од она што сум го направил. Ќе се обидам уште нешто да направам ако ми даде горниот живот“, рече Панче Кочовски на крајот.
Тој сакал изложбата да ја организира на 11 октомври, на 60- годишнината од бракот со Невена, но тогаш не нашол слободен простор.
М. ЏАРОВСКА