ЗА СТОЛЕ ЖИЛЕЧКИ, СКИТНИК ОД ЛЕШОЧКИОТ МАНАСТИР КОЈ ГОВОРЕЛ 6 ЈАЗИЦИ, ПИШУВАЛЕ ВЕСНИЦИТЕ ВО АМЕРИКА ВО ПОЧЕТОКОТ НА 20. ВЕК

    ЗА СТОЛЕ ЖИЛЕЧКИ, СКИТНИК ОД ЛЕШОЧКИОТ МАНАСТИР КОЈ ГОВОРЕЛ 6 ЈАЗИЦИ, ПИШУВАЛЕ ВЕСНИЦИТЕ ВО АМЕРИКА ВО ПОЧЕТОКОТ НА 20. ВЕККако покајник, скитник и маченик, Столе Жилечки во почетокот на 20 век поминал повеќе држави и научил романски, француски, албански, грчки, турски и арапски, а многу пати позирал пред домашни и странски фоторепортери. (Фотографија од книгата „Лешочкиот манастирски комплекс“ од Бранислав Светозаревиќ и Илија Петрушевски)

    Лешочкиот манастир пред еден век бил бастион во борбата за макеоднската самобитност, а посебно место во тоа има игуменот Езекил кој бил родум од блиското село Глоѓи. При крајот на 19. и почетокот на 20. век, црковната пропаганда на Бугарската егзархија и на Српската патријашија на тлото на Македонија зема исклучително голем замав. Таа борба да се освои македонскиот народ и да се стави под своја јурисдикција направила дел од македонското население да потпадне под едното или другото влијание но, имали и такви личности кои сфатиле дека македонскиот народ е нешто посебно и настојувале да си ја задржат својата самобитност.

    „Во времето на игуменувањето на Езекил (од 1878 до 1898), Македонија била под силно влијание на српските и на бугарските асимилаторски пропаганди што го разединувале македонското население. Неретко имало случаи во Тетово, а и во околните христијански села, да се создаде невидена омраза и поделеност меѓу роднините, родителите, браќата, кои едни се декларирале као Срби, а другите како Бугари. Игуменот Езекил, гледајќи ги ваквите трагедии помеѓу населението, не можел никако да се помири пропагаторите и сејачите на братоубиствена омраза. Тој во своите ставови наишол на поддршка од скопскиот митрополит Теодосиј Гологанов. Бугарските егзархисти успеале да до сменат митрополитит Гологанов, но игуменот Езекил не потклекнал и останал доследен на своите ставови. Со ова, тој стекнал уште поголемо почитување и авторитет кај полошкото население, но предизвикал и уште поголем гнев кај Егзархијата посебно поради тоа што не сакал да се приклучи кон неа. Откако егзархистите увиделе дека игуменот Езекил е непопустлив, донеле одлука да му го одземат животот“, вели историчарот д-р Бранислав Светозаревиќ.

    Столе Јовановски, познат под прекарот Столе Жилечки, на 17 години станал покајник и маченик, оти чувствувал вина за смртта на игуменот Езекил од Лешочкиот манастир. Зиме и лете одел гологлав и бос, целиот бил обраснат со коса и брада, носел искинати алишта, со себе имал само една торба и две земјени грниња. (Фотографија од книгата „Лешочкиот манастирски комплекс“ од Бранислав Светозаревиќ и Илија Петрушевски)

    Во тоа време во Лешочкиот манастир живеел Столе Јовановски, кој во својата 15-та година од животот останал без родители. Тогаш практика било децата кои останале сираци да се однесат да живеат и работат во манастир. Таков бил случајот и со Столе, кој со своите 16 години бил донесен и згрижен во Лешочкиот манастир.

    „Столе како млад и патријахално воспитан, чесно и совесно ги работел сите потребни работи во манастирот. Еден летен ден во 1898 година, во манастирскиот чифлик, кој бил недалеку од манастирот, аргатите на гумно ја вршеле пченицата. Тој ден Столе носел ручек за аргатите. Кога одел по патот што се вика Јулица и е надвор од населбата, го сретнале тројца луѓе кои под закана му наредиле, откако ќе го однесе ручекот да се врати во манастирот и да му каже на игуменот Езекил дека аргатите од чифликот се скарале. Столе така и направил и на игуменот му ја пренел измислената информација. Кога го слушнал ова, Езекил по истиот пат се упатил кон чифликот, но по пат го начекале тројцата луѓе го нападнале со ножеви и на самото место го заклале. По убиството, тројцата убијци се упатиле кон планинското село Варвара, а од таму кон Отуње каде биле видени со крвави раце и алишта испрскани од крвта на игуменот Езекил. Извршителите на убиството на игумент Езекил сѐ уште се непознати, но повеќе од сигурно е дека еден или двајца биле од селата Отуње, Сетоле или Једуарце“, вели Светозаревиќ.

    По убиството Столе, кој тогаш имал 17 години, самиот се сметал како соучесник, и како личност со висок морал и чиста совест се казнил самиот себеси со доживотно плаќање на гревовите, со испосништво и со скитање. Го напуштил манастирот и се оддал на скитнички живот. Столе, кој го добил прекарот Жилечки бидејќи бил родум од блиското село Жилче, станал вистински покајник и маченик. Зиме и лете одел гологлав и бос, целиот бил обраснат со коса и брада, носел искинати алишта, со себе имал само една торба и две земјени грниња. Со катран на рацете скитал насекаде, низ планини, полиња, низ населени места. Се хранел со корења, плодови од природата и со сув леб. Зимно време спиел во плевни, а лете каде што ќе стигнел. Чувствувајќи тежина на душата за убиството на својот игумен, ниту барал ниту примал милост. Ако некој му дал повеќе пари, ги враќал, а задржувал колку да купи леб за да преживее.

    „Како покајник, скитник и маченик, Столе Жилечки поминал повеќе држави и научил повеќе јазици, романски, француски, албански, грчки, турски и арапски. За многубројни наши и странски новинари и туристи тој бил вистинска атракција. Со странците разговарал поотворено и подетално. Се интересирал за состојбите во другите држави, а раскажувал за своите впечатоци каде поминувал. Многу пати позирал пред домашни и странски фоторепортери. За него пишувале американски и англиски новинари. Хелмут Кромер, берлински дописник на некои американски весници, напишал и една репортажа под наслов ‘За Столе, покајникот, пустиникот и занесениот филозоф, кој се хранел со корења и билки и зборува неколку јазици’. Столе Жилечки починал во февруари 1935 година, на 55-годишна возраст, смрзнувајќи во еден напуштен дуќан во Горна Чаршија во Тетово“, вели  Светозаревиќ.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира