ЗАЕВ СО МИНИСТРИТЕ И ИВАНОВ НА ПРОСЛАВАТА НА 18. РОДЕНДЕН НА КЛИНИКАТА НА ЖАН МИТРЕВ

    ЗАЕВ СО МИНИСТРИТЕ И ИВАНОВ НА ПРОСЛАВАТА НА 18. РОДЕНДЕН НА КЛИНИКАТА НА ЖАН МИТРЕВ„Почнавме со мал тим од 10 луѓе, а денес болницата има 300 вработени и имаме направено над 30.000 операции“, рече д-р Жан Митрев на прославата од 18-годишнината од отворањето на неговата приватна болница (фото: М.Златевска)

    Со многубројни гости, пријатели и колеги кардиохирургот д-р Жан Митрев  со свечен прием во Музејот на македонската борба прослави 18 години од отворањето на неговата приватна клиника.

    „Пред 18 години почнавме скромно со многу мал тим, кој за кусо време стекна репутација на модерна болница. Во 2008 година отворивме голем дијагностички центар, со процедури за брзо поставување дијагнози за повеќе гранки на медицината, а веќе од 2016 година направивме голем исчекор кога се вселивме во новата болница, каде поставивме темели на индивидуализирана медицина, како при поставување на дијагнозата, така и во хируршкото лекување“, кажа Д-р Митрев.

     

    Вицепремиерот Кочо Анѓушев со сопругата, премиерот Зоран Заев, министрите за внатрешни работи и здравство Оливер Спасовски и Венко Филипче, беа дел од гостите (Фото: М.Златевска)

    Тој објасни дека индивидуализираната медицина која ја практикуваат во Клиниката содржи и посебни генетски испитувања, кои се прават и во случаи кога сакаат да проверат дали кај пациентот има генетски одговор на лекот кој го прима.

     

    „Кај пациенти на кои им е ставен стент треба да примаат еден лек клопидогрел, на кој според светските статистики 30 отсто од пациентите генетски не реагираат, односно тој не им делува и има опасност повторно да дојде до запушување на стентот, на крвен сад и да дојде до удар. Веќе една година ги правиме овие генетски истражувања и во нашата пракса се покажува дека на 30 отсто од пациентите не им делува лекот и тогаш се дава друга терапија. На тој начин се поштедува пациентот од натамошни компликации, а таа анализа сега чини околу 6.000 денари. Тоа е таа персонализирана медицина“, кажа д-р Митрев.

    Во 2000 година кога почнала со работа болницата имала 10 вработени, а сега има 300 вработени. Досега се третирани 1,5 милиони пациенти и направени се над 30.000 операции на пациенти од земјава и од Европа. Од Клиниката кажаа дека неодамна го добиле и сертификатот за акредитација на болници на американската агенција JCI.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира