ЖИРАФИТЕ ВО СКОПСКАТА ЗООЛОШКА ОБОЖУВААТ ПРАЗ, СЛОНОВИТЕ ПУТЕР ОД КИКИРИКИ –(ФОТОГАЛЕРИЈА)

    ЖИРАФИТЕ ВО СКОПСКАТА ЗООЛОШКА ОБОЖУВААТ ПРАЗ, СЛОНОВИТЕ ПУТЕР ОД КИКИРИКИ –(ФОТОГАЛЕРИЈА)Секој ден според нутритивна табела Зоо негователите го подготвуваат дневното мени за секоа животно. (Фото: Ѓ.Личовски)

    Слониците Дуња и Даела едвај чекаат Зоо негователите да им дадат за ужина путер од кикирики, а жирафите Флопи, Тобого и Каспер обожуваат праз и кромид. Ова се само дел од оброците кои ги добиваат животните во скопската Зоолошка градина. Секој ден според нутритивна табела Зоо негователите го подготвуваат дневното мени за секоа животно.

    „Тоа е првата работа што ја правиме откако ќе дојдеме на работа, секако откако ќе се поздравиме со животните. Дури потоа им ги чистиме живеалиштата, па тренираме, си играме и галиме“, ни реков Зоо негувателите во Зоолошката градина во Скопје.

    Во Зоолошката градина има 25 лемури а секое утро појадуваат банани.(Фото: Ѓ.Личовски)

    Прво отидовме да им го дадеме појадокот на два бизони, американскиот бизок Благоја и европскиот кој сѐ уште нема име. Како што ни раскажа нивниот Зоо неговател Коста тие појадуваат сено, потоа на ручек зоб и како ужина добиваат моркови, јаболка, тиква и секако потребните витамини.

    „Дури откако ќе појадуваат можам да влезам да им го исчистам живеалиштето. Тогаш се сити и мирни. Од пред неколку години им го разделивме живеалиштето бидејќи постојано се тепаа. Вака немаме проблем, еден до друг се, па не се чувствуваат осамени“, ни рече негователот Коста.

    Од кај бизоните следни за хранење беа новите жителки на Зоолошка, слониците Дуња и Даела. Еден од четворицата негователи кој се грижи за нив е Бојан. Според табелата денеска за појадок имаа сено, а во текот на денот добиваат јаболки, банани, моркови, како и непечени кикирики.

    Живеалиштето на слониците Дуња и Даела се затоплува на еколошки начин, со печка на пелети. (Фото: Ѓ.Личовски)

    „Слоновите јадат најмногу, можеби колку цела Зоолошка. 20 килограми морков, по 18 килограми банани и јаболки и до 5 килограми кикирики. Им даваме и трици, гранки. Пијат по 100 литли вода на ден. Дуња и Даела се многу темпераменти, посебно се радуваат на путер од кикирики, кој им е десерт“, вели нивниот неговател Бојан.

    Покрај хранењето и чистењето на нивното живеалиште Бојан кој беше на обука во Белгија од каде дојдоа слониците, секој ден и ги тренира.

    „Им кажувам да седнат и на тој начин можеме да им извршиме и преглед на забите, ноктите, нозете. За да шетаат повеќе низ цело живеалиште им фрламе моркови и тие ги бараат. Имаат одлични услови не само надвор во живеалиштето туку и внатре. Зимово кога беше ладно температурата внатре им беше 18 степени. Се грејат на еколошки начин, со печка на пелети“, вели Бојан.

    Морскиот лав Кан дневно јаде по 16 килограми риба. (Фото: Ѓ.Личовски)

    После живеалиштето на слоновите се лемурите, кои висеа на жичаната ограда и ја чекаа нивната негователка Александра со појадокот. Штом влезе во живеалиштето со исечените на парчиња банани, неколку лемури скокнаа на неа, едно висеше на вратот, други две на рацете и нозете. Александра седна на земја и на сите 25 лемури им делеше од појадокот, овошје и зеленчук, банани, јаболко и морков.

    „Според нутритивната табела за речек во понеделник, среда и петок јадат компир, во вторник и сабота ориз, а во четврток и недела палента. Имаме 25 лемури, а месецов очекуваме бебиња“, вели Александра која се грижи за мајмуните во Зоолошката и со нетрпение го чека да се врати Коко од Холандија.

    Хранењето на трите жирафи Флопи, Каспер и Тобого е најинтересно за посетителите бидејќи негователот Ристе има посебен однос со нив. Наутро јадат пелетирана храна со витамини, потоа овошје и зеленчук, а празот и кромидот им се омилени јадења. Попладне сено, овез, пченка или јачмен.

    Негователот ристе на жирафите наутро им подготвува пелетирана храна со витамини, потоа овошје и зеленчук, а празот и кромидот им се омилени јадења. Попладнејадат сено, овез, пченка или јачмен. (Фото: Ѓ.Личовски)

    „За жирафите се грижиме јас и мојата сестра Маја. Со нив сме од почетокот односно од пред седум години кога дојдоа. Иако се толку големи тие се најтивки животни во Зоолошката оти се неми, не испуштаат никакви гласови. Јас им зборувам, тие само ме слушаат“, смеејќи ни рече Ристе.

    За крај појадок доби морскиот лав Кан и тоа риби-ослич и папалина. Во неговото мени е и скуша, па и лигњи. Дневно јаде 16 килограми риба, поделена во три оброци. Кан е сам оти пред неколку години неговиот другар Алби со кој заедно дојдоа од Зоолошката градина во Загреб умре откако се задуши од камен кој посетител го фрли во базенот.

    „Кан си го викаме и дебелко, но е многу активен. Сега кога ќе добие девојка ќе биде уште поактивен, ќе има поголема самодоверба и што е важно нема да биде сам“, ни рече Венијамин кој додека му даваше ривба на Кан редовно добиваше и бакнежи од морскиот лав.

    Во Зоолошката градина пред неколку дена се родија 6 јариња.(Фото: Ѓ.Личовски)

    Од Зоолошката градината постојано апелираат посетителите да не им даваат храна на животните токму поради воведениот начин на исхрана.

    „И покрај предупредувањата, посетителите на животните им даваат висококалорична храна, но фрлаат и отпадоци кои можат да им го загрозат животот. Нашите животни се хранат со здрава храна, редовно и по нормативи. Секој жител на Зоолошката има свое мени, а исхраната е составена само од висококвалитетна храна богата со витамини, минерали, протеини. Храната која ја фрлаат посетителите штетно влијае на нивното здравје. Планираме во наредниот перидот за викендите кога има голем број посетители да воведеме и комунални редари за да ги казнуваат несовесните граѓани. На сите живеалишта има знаци да не се дава храна, но џабе“, велат од Зоолошката градина.

    Од Зоо апелираат посетителите да не им даваат храна на животните.(Фото: Ѓ.Личовски)

    Според најавите на директорот Ѓорѓи Галетановски пролетва во Зоо треба да пристигнат нови жители и тоа зебри и фламинга, а на есен пингвини, за кои живеалиштата веќе се подготвуваат.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира