Оперските куќи од Сан Франциско и Сиетл ќе продуцираат оперски настап со техно ефекти за животот на основачот на „Епл“ Стив Џобс. Во вторникот беше објавено дека операта на Санта Фе се подготвува за својата светска премиера во јули насловена „(Р)еволуцијата на Стив Џобс“, која ќе се одржи на отворената летна сцена на подножјето на планините Сангре де Кристо во Њу Мексико.
Операта во чест на Џобс ќе „пренесе многуслоен, емотивен портрет на еден човек во борба со комплексните приоритети на животот, семејството и работата“, изјави генералниот менаџер на операта на Сан Франциско, Метју Шилвок.
„Џобс претставува херојска и истовремено трагична фигура, нешто по што оперите се во потрага со векови, и што потенцијално би бил и начин за да се привлече нова и помлада публика во оперските куќи“, вели Чарлс МекКеј, генерален директор на операта на Санта Фе.
Тој додава дека оваа опера „не е опера за технологијата, иако можеби таа ќе биде најголемата технолошка продукција до сега. Таа најпрво е опера за човечките односи, и за човечките неможности… Џобс знаеше да биде тежок човек за справување.“
Придружните инструменти вклучуваат оркестар во живо, гитара, природни звуци и мошне експресивна електроника – звуци прилагодени на карактерот на човекот кој стекна слава и богатство за време на револуцијата на компјутерите во 70-те и 80-те со својот партнер Стив Вознијак, откако за прв пат на пазарот ги воведоа врвните компјутери Епл 2 и Мекинтош.
Отпуштен од „Епл“ во 1984 година, Џобс се вклучи во индустријата за визуелни ефекти „Пиксар“, пред своето враќање во „Епл“ како главен извршен директор за лансирање на првиот „ајфон“ и поврзани уреди, притоа станувајќи музичен и медиумски магнат.
Животната приказна на Стив Џобс, како пионер на технологијата кој стана будист и се хранеше едноставно и вегетаријански на семејните вечери, стана главна тема на многу документарци, книги, еден игран филм и биографски роман, од неговата смрт од рак во 2011 гoдина.