Американскиот актер Чедвик Боузман, најпознат по улогата на суперхеројот Блек Пантер во истоимениот блокбастер на „Марвел“, почина на 43 години од рак на дебелото црево. На Боузман болеста му била дијагностицирана пред четири години, но тој никогаш јавно не го објавил тоа.
Боузман ја почнал кариерата во ТВ-серии, пред да ги игра главните улоги во биографските филмови за бејзбол играчот Џеки Робинсон и пејачот Џејмс Браун. Сепак, тој ќе остане најзапаметен по улогата на Блек Пантер, лидерот на измислената африканска нација Ваканда која ја има најнапредната технологија на светот. Филмот од 2018 година заработи 1,3 милијарди долари и беше номиниран за седум оскари, освојувајќи три.
Боузман ја повтори оваа улога во уште три филма на „Марвел“: „Капетан Америка: Граѓанска војна“, „Одмаздници: Војна на бесконечноста“ и „Одмаздници: Завршница“.