Иако општините се жалат дека немаат пари и оти им треба поради тоа комплетна децентрализација на власта, сепак исплаќаат и по стотици илјади евра на адвокати за адвокатски услуги, и тоа само на тие што си ги бираат градoначалниците или партиите што ги кандидирале, без никаков тендер, оглас.
Ова е тридецениска практика не само на општините, туку и министерствата, јавните претпријатија што ги раководи секоја актуелна власт, директоратите и агенциите. Во законот за јавни набавки, не се бара тендер за избор на адвокати или адвокатски друштва за потребите на органите на државната и на локалната самоуправа, туку тоа е ексклузивно право на избор на менаџментот со овие институции.
Ако нема тендер за избор на најевтин адвокат, нема ни понатамошно истражување – каде всушност одат илјадниците евра за ексклузивно избраните адвокати, кои се всушност пари на граѓаните.
Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) го објави истражувањето за исплатите за адвокатски услуги од буџетите на општините и на министерствата, според кое општините и министерствата заедно трошат за адвокатски услуги повеќе од 2 милиони евра годишно.
Нема внатрешни правила за ангажирање адвокати, па исплатувањето на илјадниците евра за адвокатски услуги општините го оправдале со следниве изговори:
1. Врз основа на нивниот углед и искуство во поглед на природата на предметите
2. Лесно достапни до општината, кои имаат канцеларија во истата општина
3. Врз основа на сознанија за стручноста и компетенциите на адвокатите и врз основа на добиени препораки за нивната досегашна работа
4. Со непосредна спогодба
5. По слободен избор
6. Го избрал градоначалникот
7. Од именикот на адвокати.
„Само општините и Град Скопје лани потрошиле 67.269.053 денари или 1,1 милион евра за исплати на адвокати. Министерствата, на адвокати им исплатиле 62.428.934 денари или 1 милион евра. Парите што министерствата и општините заедно ги плаќаат на адвокати се две третини од вкупните пари што за оваа намена ги исплаќаат сите буџетски институции заедно. 40-тина проценти од исплатените 1,1 милион евра е за адвокати кои општините сами ги ангажирале, додека останатите 60 % се за исплатени адвокатски услуги по други основи. Од општините, адвокати ангажирале 72 од 81 единица на локална самоуправа. Една четвртина од општините исплаќаат месечен паушал на некој адвокат“, вели истражувањето на Центарот за граѓански комуникаци.
Од министерствата, само две имаат ангажирано адвокати, додека другите исплати се на адвокати по други основи, односно за судски и извршни решенија и за камати. Од општините, Град Скопје и Гази Баба предничат во исплатените суми за адвокати, додека кај министерствата тоа се Финансии (за функции на државата), па Правда и Труд.
„Поединечно најмногу пари му се исплатени на адвокат Влатко Ристовски кому само Општина Гази Баба му исплатила повеќе од 6 милиони денари во 2023 година. Градот Скопје лидер меѓу единиците на локална самоуправа“, вели истражувањето.
Сите општини и Град Скопје, во 2023 година исплатиле 67.269.053 денари или 1,1 милион евра за адвокати по различни основи. Најчеста основа е за „правни услуги“, потоа „трошоци по извршни исправи“ и „плаќања по судски решенија“. 40-тина проценти од исплатената сума од 1,1 милион евра е за адвокати кои општините сами ги ангажирале, додека останатите 60 % се за исплатени адвокатски услуги по други основи како извршни исправи, судски решенија итн.
Од 81 единица на локална самоуправа, 72 имале исплати за користење на адвокатски услуги во 2023 година, додека општините Босилово, Валандово, Градско, Делчево, Зрновци, Јегуновце, Карбинци, Липково и Пласница не користеле услуги на адвокати, ниту исплатиле адвокати врз други основи.
Една четвртина од општините исплаќаат месечен паушал на некој адвокат, во ист или приближно ист износ.
Градот Скопје потрошил 13.157.312 денари или 214 илјади евра за адвокати во 2023 година, односно 21,5 % од вкупниот износ кој го исплатиле сите единици за локална самоуправа заедно. Овие средства се исплатени на вкупно 106 адвокати чии што услуги Градот Скопје ги користел или морал да им исплати во 2023 година. Од нив, најголем износ е исплатен за услугите на адвокатката Билјана Панова и тоа 3.020.639 денари или околу 49 илјади евра.
Општина Гази Баба е на второто место со исплатени 7.589.821 денари или 123 илјади евра што претставува 11,3 % од вкупниот износ кој го исплатиле сите единици за локална самоуправа. Овие средства се исплатени на четири адвокати, од кои 81 %, односно 6.152.377 денари или 100 илјади евра на адвокат Влатко Ристовски, што воедно е и највисокиот износ кој една единица на локална самоуправа го исплатила на еден адвокат. Основата за исплата е за „изградба на пречистителни станици и колектори“.
Вкупно 417 адвокати ги наплатиле своите услуги од единиците за локална самоуправа во 2023 година. Од нив најмногу наплатил адвокатот Влатко Ристовски од Скопје, вкупно 6.332.006 денари или речиси 103 илјади евра, и тоа 6.178.733 денари или 100.500 евра од Општина Гази Баба и 2.500 евра од Општина Карпош.
На второто место е адвокатката Билјана Панова која од Град Скопје наплатила 3.020.639 денари или 49 илјади евра, а трето е Адвокатско друштво Стојановска-Димитровски Крива Паланка кое од осум општини наплатило нешто повеќе од 39 илјади евра.
С. К. ДЕЛЕВСКА