123 ЛИЦА ПОЧИНАЛЕ ОД ХИВ/СИДА ВО МАКЕДОНИЈА, 4 ЛИЦА НЕ ДОБИЛЕ ЗДРАВСТВЕНА УСЛУГА ПОРАДИ БОЛЕСТА

    123 ЛИЦА ПОЧИНАЛЕ ОД ХИВ/СИДА ВО МАКЕДОНИЈА, 4 ЛИЦА НЕ ДОБИЛЕ ЗДРАВСТВЕНА УСЛУГА ПОРАДИ БОЛЕСТА„Стигмата ги одвраќа луѓето да направат ХИВ-тест тогаш кога треба“, вели Здружението „Заедо посилини“. - Клинички центар во Скопје. (Фото: К. Попов)

    Во текот на годинава, документиравме 4 случаи на одбивање на здравствена услуга на пациент и поради тоа што се ХИВ-позитивни и 3 случаи во кои им била повредена доверливоста на медицинските податоци, велат од Здружението „Заедно посилни“. Денеска е Светскиот ден на СИДА, и тие апелираат до одговорните тела и институции да му посветат посебно внимание на овој проблем при санкционирањето на случаи на дискриминација врз основа на ХИВ-статусот.

    „Стигмата значително влијае врз квалитетот на живот на луѓето со потврдена ХИВ-инфекција, а истовремено и ги одвраќа другите луѓе да направат ХИВ-тест тогаш кога треба“, вели Здружението.

    Според Светската здравствена организација (СЗО), ХИВ и понатаму останува глобален проблем за јавното здравје. Повеќе од два милиони луѓе во Европскиот регион на СЗО се погодени од ХИВ. Оценката на СЗО е дека во последните неколку години нема напредок кон постигнување на целите за ХИВ. Намалени се ресурсите, а како резултат на тоа, голем број животи се загрозени. Во земјава, до 2022 година од ХИВ/СИДА починале 123 лица, а 451 лице живее со ХИВ/СИДА.

    Во текот на октомври, согласно податоците објавени од Институтот за јавно здравје, регистрирани се пет нови случаи . Сите пријавени се со ХИВ. Регистриран е и еден смртен случај од ХИВ/СИДА.

    Државата има одговорност, вели Здружението,  да вложи во докажаните мерки што ќе придонесат за намалување на бројот на нови инфекции и конечно ставање крај на оваа епидемија.Тие вклучуваат: широка достапност на бесплатно ХИВ-тестирање, достапност неможноста за самотестирање за ХИВ, услуги за сексуално здравје ослободени од стигма, обезбедување средства за превенција, како кондоми и лубриканти, предекспозициска профилакса и стерилен прибор за инјектирање, подигнување на свесноста, како и сексуално образование прилагодено на возраста.

    „Обврска на Владата е да осигури непрекината достапност на современа антиретровирусна терапија за пациентите со ХИВ и да ги заштити овие како и сите други граѓани од стресот предизвикан поради проблемите во обезбедувањето налекови. Се проценува дека до крајот на минатата година со ХИВ живееле 38,4 милиони луѓе во светот, од коишто 85% биле свесни за својот статус, а 75% примале антиретровируснатерапија. Наспроти тоа, во истата година само 66% од проценетите околу 550 лица со ХИВ во Северна Македонија биле свесни за својот ХИВ-позитивен статус, а 59% биле на терапија. Ова укажува дека нашата земја треба да вложи многу посериозни напори за унапредување на насочените програми за превенција и тестирање, за кои е докажано дека даваат резултати и се дел од националната програма за ХИВ“, велат од „Заедно посилни“.

    Здружението за вечерва организира добротоворна забава под мотото „Заедно погласни“ во 20 часот во барот Сома.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира