14 ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА ВОЗАЧОТ НА АВТОБУСОТ, 4 ГОДИНИ ЗА ГАЗДАТА НА „ДУРМО ТУРС“ ЗА СООБРАЌАЈНАТА НЕСРЕЌА КАЈ ЛАСКАРЦИ

    14 ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА ВОЗАЧОТ НА АВТОБУСОТ, 4 ГОДИНИ ЗА ГАЗДАТА НА „ДУРМО ТУРС“ ЗА СООБРАЌАЈНАТА НЕСРЕЌА КАЈ ЛАСКАРЦИВо автобуската несреќа кај Ласкарци на 13 февруари 2019 загинаа 16 лица, а 30 беа повредени. (Фото: МИА/принтскрин)

    Обвинетите во предметот за тешката сообраќајна несреќа што се случи на 13 февруари 2019 година кај селото Ласкарци, кога откако се преврте автобус на превозното претпријатие „Дурмо турс”, се виновни, пресуди денеска во прв степен судијката Дијана Груевска од Основниот кривичен суд Скопје.

    За сторени Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот кои резултираа со тешката сообраќајна несреќа кај селото Ласкарци, таа ги изрече следните неправосилни пресуди: 14 години затвор за возачот на автобусот Маноил Трифуновски, а најблага казна од сите, 4 години затвор, доби првообвинетиот Дурмиш Белули. Шест години доби второобвинетиот Ремзи Мифтари, а по 5 години затвор вработените во техничкиот центар на истоимената фирма, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски.

    Тие беа обвинети дека од 2 јули 2018 година до 13 февруари 2019 година, обвинетиот сопственик на „Дурмо турс” фирмата превозник и обвинетото одговорно лице за возниот парк на превозникот, не се придржувале кон прописите за безбедност на автобускиот сообраќај за масовен јавен превоз.

    Иако биле свесни дека може да настапи штетна последица, предизвикале опасност за животот и телото на луѓето кои се превезувале во автобусот на критичниот ден на релација Скопје-Гостивар. Сопственикот на компанијата превозник единствено поседувал задолжителен сертификат за професионална компетентност во патниот сообраќај, како услов за добивање лиценца за вршење превоз на патници. Сепак, иако бил должен како одговорно лице, тој не организирал ниту пак трајно вршел контрола над исполнувањето на пропишаните услови за работа на возачите и на техничката исправност на возилата.

    Сопственикот на „Дурмо турс“ иако знаел дека не смее, раководењето со возниот парк го препуштил на вториот обвинет, кој не поседувал сертификат за професионална компетентност во патниот сообраќај. Притоа, во превозникот не се водела соодветна евиденција на поправките на автобусите, на работното време, паузите и одморите на возачите, а возачите биле оставени сами меѓусебно да го организираат возењето и да водат сметка за сите обврски кои се должност на одговорното лице во превозникот.

    Сопственикот на фирмата-превозник не водел сметка за исправноста на аналогниот тахограф и дозволил да се изврши манипулација на овој уред за да не ја регистрира правилно брзината на движење на автобусот. Обвинетиот раководител на возниот парк, пак, давал насоки на возачите каде да го однесат автобусот за да се изврши манипулација на тахографот со цел да избегнуваат казни за сообраќајни прекршоци. Свесни за континуираната техничка неисправност на автобусот, двајцата обвинети не презеле дејствија за поправка на битните делови од системот за сопирање на автобусот. На овој начин двајцата сториле кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од чл.300 ст.2 во врска со чл. 297 ст. 2 од Кривичниот законик“, велат од Обвинителството.

    Три други лица, вработени во станицата за технички преглед, се осудени дека во соизвршителство сториле кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од чл.300 ст.2 во врска со чл. 299 ст. 1 од Кривичниот законик. Ним им бил доверен надзорот врз состојбата и исправноста на автобусот, но заеднички, со несовесно вршење на должноста при задолжителен технички преглед, предизвикале опасност за животот и телото на патниците.

    Возачот на автобусот е осуден дека сторил кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од чл.300 ст.2 во врска со чл. 297 ст. 1 од Кривичниот законик бидејќи возел со недозволена брзина од 99 километри на час.
    Тој се бранеше со молчење.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира