20 ОТСТО ОД ДЕЦАТА НЕ СЕ ВАКЦИНИРААТ ПРОТИВ МАЛИ СИПАНИЦИ ВО ГОЛЕМИТЕ ГРАДОВИ

    20 ОТСТО ОД ДЕЦАТА НЕ СЕ ВАКЦИНИРААТ ПРОТИВ МАЛИ СИПАНИЦИ ВО ГОЛЕМИТЕ ГРАДОВИ„Овие бројки се особено загрижувачки, затоа што според препораките од Светската здравствена организација за да имаме колективен имунитет против оваа заразна болест опфатот на вакцинирани треба да биде над 95 отсто“, вели д-р Горадана Кузмановска, епидемиолог од Институтот за јавно здравје

    Опфатот на вакцинирани деца против морбили или мали сипаници лани е низок и е на слично ниво со оној од 2016 година, кога беа вакцинирани 82,1 отсто од бебињата со навршена една година. Според неофицијалните податоци од Институтот за јавно здравје и лани како и во 2016 година најмал е опфатот во Скопје, и изнесува 78,5 отсто. Според епидеимиолозите загрижуваки е што според најновите неофицијални бројки, покрај Скопје лани и во други пет до шест поголеми градови во земјава паднал опфатот на невакцинирани деца.

    „Овие бројки се особено загрижувачки, затоа што според препораките од Светската здравствена организација за да имаме колективен имунитет против оваа заразна болест опфатот на вакцинирани треба да биде над 95 отсто. Ние претходно сме имале висок опфат на вакцинирани деца, но антивакциналните кампањи си го прават своето и овој процент постојано опаѓа. Тоа во 2010-2011 година предизвика појава на голема епидемија од мали сипаници, а и лани имавме мини епидемија во Скопје“, вели д-р Гордана Кузмановска, епидемиолог од Институтот за јавно здравје.

    Таа објаснува дека постојано опаѓа бројот на вакцинирани бебиња, односно во 2015 година опфатот бил 88 отсто, а 2016 82,1 отсто. опфатот пак на деца на шестгодишна возраст што примиле ревакцина со морбили е над 95 отсто.

    „Ова го објаснуваме со тоа што како резултат на антивакциналните кампањи и тврдењата, кои се апсолутно неосновани и неточни дека вакцината предизвикува аутизам, влијае родителите да се плашат да ги вакцинираат децата додека се мали и обично чекаат детето да прооди и да прозбори, а веќе на шестгодшна возраст не прават проблем и ги носат децата. Но такво нешто не е потребно, бидејќи вакцините се употребуваат со години и тие се единствениот ефикасен метод за заштита од оваа болест, која може да има тешки последици или да заврши и со смрт“, вели д-р Кузмановска.

    Годинава од морбили се регистрирани шест случаи, од кои пет кај деца на возраст од една до пет години, а шестиот случај е кај жена, која е вакцинирана против морбили.

    „Кај жената, која е мајка на две деца имаше клиничка слика на морбили, но болеста не беше во акутна форма“, вели д-р Кузмановска.

    Последниот смртен случај од морбили според податоците од Институтот за јавно здравје е регистриран за време на епидемијата 2011 година, кога мали сипаници се регистрирани кај вкупно 918 лица.

    „Последниот регистриран смртен случај е кај дете во 2011 година, кое покрај морбили имаше и други заболувања. Со намалување на бројот на вакцинирани лица се намалува колективниот имунитет и се зголемува бројот на осетливо население, па од мали сипаници покрај невакцинирани може да се разболат и вакцинирани лица, на кои од разни други причини им се намалил имунитетот“, вели д-р Кузмановска.

    Светската здравствена организација објави дека бројот на умрени од мали сипаници во Европа лани се зголемил за 4 пати, односно регистрирани се вкупно 35 случаи. Во ЕУ лани регистрирани се вкупно 21.135 на заболени од мали сипаници, а најмногу во Украина, Романија и Италија. Епидемија со мали сипаници лани беше прогласена во 15 земји од ЕУ.

    Е.БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира