Сто и единаесет оздравени пациенти се регистрирани за изминативе 24 часа во статистиката на Институтот за јавно здравје . Пациентите се од: Скопје-13, Куманово-74, Штип-1, Прилеп-18, Битола-1, Охрид-1, Крива Паланка-1, Пробиштип-1 и Демир Хисар-1.
Министерството за здравство објави дека во изминатите 24 часа направени се 386 тестирања, а потврдени се 23 нови случаи на КОВИД-19 и тоа во: Скопје-5, Куманово-5, Прилеп-3, Тетово-6, Велес-2 и Неготино -2. Двете лица заведени во Неготино, се жители на Демир Капија.
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина пациент од Скопје на возраст од 62 години, а во Градската општа болница „8 Септември“ почина пациентка од Гостивар на 59 години.
Во денешниот извештај на Институтот се евидентирани и две починати лица од околината на Куманово, на возраст од 72 и 79 години, пациентка која се лекувала во домашни услови и пациентка која се лекувала на Инфективното одделение во болницата во Куманово.
Со ова, вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја изнесува 1.465, бројката на оздравени пациенти е 738, на починати е 77, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 650.
Б. НЕСТОРОСКА