30 ГОДИНИ ПО АТЕНТАТОТ, УШТЕ НЕ СЕ ЗНАЕ КОЈ САКАШЕ ДА ГО УБИЕ ПРВИОТ МАКЕДОНСКИ ПРЕТСЕДАТЕЛ КИРО ГЛИГОРОВ

    30 ГОДИНИ ПО АТЕНТАТОТ, УШТЕ НЕ СЕ ЗНАЕ КОЈ САКАШЕ ДА ГО УБИЕ ПРВИОТ МАКЕДОНСКИ ПРЕТСЕДАТЕЛ КИРО ГЛИГОРОВНа 3 октомври 1995, во 9,50 часот, во моментот кога возилото на Глигоров поминувало на улицата, експлодира бел „цитроен ами 8“, во кој биле скриени 20 килограми експлозив активиран со далечински управувач. На место загина неговиот возач Александар Спировски, а беше повреден и телохранителот Илчо Теовски. (Архивска фотографија од атентатот)

    Денеска се навршуваат 30 години откако на 3 октомври 1995 во Скопје беше извршен атентат врз првиот претседател на независна Република Македонија, Киро Глигоров, кој со тешки повреди на главата го преживеа нападот. На местото на атентатот загина неговиот возач Александар Спировски, а беше повреден телохранителот на Глигоров, Илчо Теовски. Како последица од повредите почина и минувачот Христо Христоманов, а беа повредени и Климе Коробар и Јован Атанасовски. Истрагата утврди дека атентатот врз македонскиот претседател бил добро подготвен и организиран. Остана непознато кој стоел зад атентатот, а истражната постапка која се води против непознат сторител уште е отворена.

    Нападот беше извршен со автомобил-бомба во 9:50 часот на улицата Македонија пред хотелот „Бристол“, кога Глигоров со службено возило се движеше од неговата резиденција кон работното место во Собранието. Во бел автомобил „цитроен ами 8“ беа скриени 20 килограми експлозив, активиран со далечински управувач кога возилото на Глигоров се движеше кон зградата на Собранието, каде во тоа време се наоѓаше неговиот работен кабинет. Пред експлозијата, службеното возило на претседателот на улицата Македонија го забавило едно „фиќо“, за да експлозијата биде точно насочена и ефективна.

    Во истрагата беа претресени 30.850 возила и прегледани повеќе од 15.000 објекти, легитимирани повеќе од 188.000 лица, од кои 19.000 беа претресени

    Експлозивната направа била производство на Југословенската народна армија (ЈНА), а содржела еден килограм пластичен експлозив, со стотици челични топчиња кои имаат смртоносно дејство во радиус од околу 50 метри. Автомобилот „ами-8“ бил намерно избран за поставување на бомбата затоа што има тенок лим, кој од експлозијата лесно се распрснува во повеќе смртоносни шрапнели. Еден таков шрапнел и го убил возачот на претседателот.

    Остана енигма и необјавено, дали атентатори беа од српско-руското подземје, југословенската тајна служба КОС или можеби лица од бугарската фирма „Мултигруп“, лица од „Братиславската врска“, или домашни служби. Ова беа линиите на истраги и насоки за виновници кои се посочуваа за обидот за елиминација на првиот претседател на независна Македонија Киро Глигоров, во време кога државаата сеуште е ранлива со својата независнот и распадот на поранешната заедничка држава Југославија.

    Тогашниот министер за внатрешни работи Љубомир Фрчкоски на првата прес-конференција организирана во тогашните американски простории, во центарот во Скопје, изјави дека во организацијата на атентатот е вклучена една мултинационална финансиско-економска групација, практично со седиште во една соседна земја.

    „Тој на 28 септември 1995 година е дојден во Македонија и во објект на периферијата на Скопје ја формирал експлозивната направа што е користена во атентатот на претседателот Глигоров. Во тоа му помагале извршители од Македонија. Врз основа на извршениот профил, тоа може да бидат политички фанатици, делови од криминално подземје, или резидентура на странски разузнавачки служби“, изјави Фрчкоски, кој подоцна понуди оставка која не му беше прифатена од тогашниот премиер Бранко Црвенковски.

    Интересно е дека во тоа време на денот на атентатот, уште на увидот ни 15 минути по есплозијата, на новинарите им беше пуштена приказна дека двајца брадести луѓе во темнин одела со „рено 19“ во сина боја избегале од местото на настанот и се упатиле кон Бугарија. Ниту таа приказна никогаш не беше спомната подоцна.

    Пред експлозијата, службеното возило на претседателот на улицата Македонија го забавило едно „фиќо“, за да експлозијата биде точно насочена и ефективна. (Фото: Архивска фотографија)

    Тогашниот министер за внатрешни работи Фрчковски остана на тврдењето дека како нарачатели се препознава бугарската озлогласена бизнис-групација „Мултигруп“, југословенската тајна служба КОС, а беше спомната и т. н. „Братиславска врска“, но сепак не се пронајдени тврди докази околу нивната вмешеност во атентатот. Подоцна, високи претставници на бугарската организација „Мултигруп“ лично дојдоа во посета кај Глигоров за да се отфрлат и тие шпекулации.

    Индикативно е што атентатот се случи по само еден ден откако Глигоров имаше средба со тогашниот претседател на Србија Слободан Милошевиќ, при што претседателите на двете земји постигнале договор за меѓусебно признавање.

    Една друга непотврдена теза, која останува само во рамки на шпекулациите, е за вмешаноста на Белград во атентатот. Во септември 1995 се официјализира најавата дека Македонија ќе го потпише договорот Партнерството за мир со НАТО и Спогодбата за соработка и трговија со ЕУ, со што се отворија вратите на евроинтеграциските процеси. Македонија тргнува кон Брисел и Вашингтон наместо кон скратената СФРЈ односно со Србија. Ова битно геополитичко поместување на југот на Балканот, наводно, го вознемирило „вождот“ во Белград, кој според претпоставките се почувствувал предаден од Глигоров. Хипотезата наведува на тоа дека Милошевиќ сака да слушне потврда за одлуката на македонското раководство за евроатланската ориентација лично од устата на Глигоров. Милошевиќ го кани Глигоров во Белград. Средбата трае кратко и од неа нема никакви информации за јавноста за тоа што се зборувало. Според истата теорија, Глигоров наводно му го потврдува тоа на Милошевиќ, по што тој се решава да го активира веќе разработениот план за атентатот.

    Иако по атентатот била отворена обемна истрага од МВР под името „Автомобил“, и веднаш по атентатот се вклучиле и безбедносните служби на САД, Германија и Британија, ниту нарачателите ниту извршителите на атентатот врз Глигоров сѐ уште не се познати.

    За обидот за атентат врз него, Глигоров ја напиша и автобиографската книга „Атентат – ден потоа“, што ја промовираше во 2002. Во истрагата се претресени 30.850 возила и прегледани повеќе од 15.000 објекти, легитимирани биле повеќе од 188.000 лица, од кои 19.000 биле претресени. МВР извршило и повеќе информативни разговори со луѓе за кои сметало дека се можни сторители на атентатот, но сите тие биле пуштени по испрашувањата.

    На оваа листа е и вработен во МВР кој ден по исказот е пронајден мртов, наводното самоубиство на инспектор во МВР, кој му бил телохранител на Киро Глигоров. Тој утрото на 5 август 1997 година бил прегазен од патничкиот воз што сообраќал на линијата Кичево-Скопје на мостот на реката Лепенец во населбата Ѓорче Петров. Според тогашните изјави на неговото семејство, две лица дошле во домот на Д. Г. вечерта на 3 август и го одвеле.

    На 20 февруари 1998 година на падините на Водно во близина на кругот на МВР била најдена мртва вработена во Управата за оперативна техника, која била дел од екипата која го истражувала атентатот. Таа имала една огнострелна рана во челото. Било утврдено дека раната била предизвикана од истрел со пиштол од непосредна близина, а потоа било кажано дека станува збор за самоубиство.

    Киро Глигоров почина од природна смрт на 94 годишна возраст на 1 јануари 2012.

    За атентатот врз претседателот Глигоров читаjте и во колумната „Сакам да кажам“ од октомври-ноември 1995:

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира