Во првото полугодие од учебната 2025/2026 години, 35 деца кои се на подолготрајно лекување биле вклучени во наставата, кажа денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Од септември стартуваше новото системско решение според кое, учениците кои отсуствуваат од настава подолго од три недели, затоа што се на болничко лекување, можат да го продолжат образованието преку онлајн вклучување во наставата во реално време во својот клас, да ги користат доставените материјали и задачи од наставникот или пак, наставникот да организира индивидуална настава во зависност од состојбата на ученикот, по прилагодена наставна програма на таквата состојба и за тоа да се користат постојни дигитални алатки.
„Исправивме една голема неправда од минатото и спречуваме еден облик на дискриминација да се провлекува во иднината. За да може да се реализира наставата, спроведовме обуки за над 160 наставници во 83 училишта. Подготвивме и прирачник за наставници со јасни инструкции како да ги вклучуваат децата во настава, преку која форма, како да водат педагошка евиденција, да го проверуваат знаењето на учениците. Според сите информации кои ги добивам од училиштата, од наставниците, родителите и здружението САНО, ова решение одлично функционира“, рече Јаневска.
За новото системско решение, на денешната панел-дискусија говореа министерката, како и Милка Тримчевска, директорка на Бирото за развој на образованието, Марија Вук ,претседателка на Невладината организација „САНО“, како и Маја Георгиева-Павловски, психотерапевт, семеен и системски советник.
„Секогаш ќе има деца кои ќе се соочуваат со здравствени предизвици и ниту едно не смее да биде изолирано од настава. Затоа е важно да бидат информирани за можноста, а наставниците се тие што треба први да ги запознаат дека физичкото отсуство од училница не значи и застој во образованието. Изготвивме и брошура наменета и за ученици и за родители за да се запознаат со оваа можност“, кажа Јаневска.



