53.000 македонски граѓани имаат поднесено документи за бугарско државјанство, но не можат да станат бугарски граѓани поради недоследности во законите, објави бугарската агенција БГНЕС, пренесувајќи ја изјавата на бугарскиот вицепремиер Валери Симеонов од тркалезна маса за демографската политика на нашиот источен сосед. Симеонов најавил дека имаат за цел да го смалат рокот за добивање бугарско државјанство на 6 месеци од сегашните, како што кажал, 2-3, па и повеќе години.
„Имаме 53.000 барања со соодветни приложени документи на 53.000 граѓани на Македонија, кои што не можат да станат бугарски граѓани поради одредени несовршенства на законодавната база. Нашата цел е да го сведеме рокот за добивање бугарско државјанство при целосно исправни документи на 6 месеци. Во моментов, вообичаено процедурата трае 2-3, а понекогаш и неопределен број години“, изјавил Симеонов.
Според него, 4 месеци и 17 дена би траеле процедурите, а останатото време ќе биде за да може бугарскиот потпретседател да го потпише указот за лицето кое треба да добие бугарско државјанство.