53 МИЛИОНИ ЕВРА СЕ НАПЛАТЕНИ ЛАНИ ОД ПАТАРИНИТЕ, НАЈМНОГУ ОТКАКО Е ПОЧНАТА НАПЛАТАТА ПРЕД 36 ГОДИНИ

    53 МИЛИОНИ ЕВРА СЕ НАПЛАТЕНИ ЛАНИ ОД ПАТАРИНИТЕ, НАЈМНОГУ ОТКАКО Е ПОЧНАТА НАПЛАТАТА ПРЕД 36 ГОДИНИВо 2022 година по автопатиштата во Македонија транзитирале 52 милиони возила од сите категории. (Фото: СДК.МК)

    Лани од патарините се наплатени 53, 2 милиони евра. Според податоците на Јавното претпријатие за државни патишта вкупно на двата Коридора 8 и 10 во 2022 година транзитирале 52 милиони возила од сите категории. Овој број на возила на ЈПДП му донеле рекорден приход од 53.242.070 евра што претставува зголемување на остварениот приход за 15%.

    „Споредбено по години бројките се движеле во нагорна линија, па така во 2019 година остварен е вкупен промет од 43.607.588 евра, во 2020 година, во услови на пандемија и намален сообраќај забележавме промет од 34.029.562 евра, во 2021 година, од 46.401.122 евра. И оваа 2023 година проекциите се движат во нагорна линија и очекуваме приход од околу 56 милиони евра“, изјави директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми на одбележување на 4 Мај – Ден на наплатната служба.

    Првата патарина во земјава е пуштена во 1987 година, кога беа пуштени во употреба трите наплатни станици на територијата на државата.

    Во јули 2019 година, пак, за првпат профункционира и електронската наплата на патарина која бележи постојан раст како во продажба на електронски уреди, така и во надополнувањето на истите. За периодот 2019 до сега, продадени се 146.492 вкупно М-Смарт картички и 18.477 М-Тагови. За посочениот период, направени се вкупно 892.673 поединечни надополнувања на електронски уреди.

    Учеството на електронската наплата како што велат од ЈПДП е со постојан пораст во вкупниот промет остварен од наплата на патарина и веќе надминува 30% од вкупната наплата. Најчест начин на плаќање патарина е се уште во готовина со нешто над 55% од плаќањата, електронска наплата учествува со околу 30% и безготовинско плаќање со користење на платежни картички околу 15 % при плаќање на патарина.

    Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на одбележувањето на 4 мај кажа дека оваа година започнува со модернизација на наплатните станици на Коридор 8 и воведување на електронска наплата, но и нова градежна офанзива со изградба на 110 километри нови патишта.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира