6 ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА ИЗБЕГАНИОТ ГРУЕВСКИ, А БОЖИНОВСКИ ДЕКА ДОАЃАЛ НА СУДЕЊА ДОБИ УСЛОВНА КАЗНА ЗА НЕЗАКОНСКАТА ГРАДБА НА БЕЛАТА ПАЛАТА НА ВМРО-ДПМНЕ, КОЈА СУДОТ РЕЧЕ ДА СЕ КОНФИСКУВА

    6 ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА ИЗБЕГАНИОТ ГРУЕВСКИ, А БОЖИНОВСКИ ДЕКА ДОАЃАЛ НА СУДЕЊА ДОБИ УСЛОВНА КАЗНА ЗА НЕЗАКОНСКАТА ГРАДБА НА БЕЛАТА ПАЛАТА НА ВМРО-ДПМНЕ, КОЈА СУДОТ РЕЧЕ ДА СЕ КОНФИСКУВАОд денешното изрекување на пресудата за „Талир 2“. (Фото: МИА/принтскрин)

    Избеганиот поранешен лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и поранешниот генерален секретар на партијата и на тогашната Влада Кирил Божиновски, за незаконската изградба на Белата палата, луксузна зграда на 8 ката, судијката Даниела Алексовска-Стојановска од Основниот кривичен суд Скопје ги огласи за виновни.

    Груевски како творец на идејата партијата да влезе во соинвеститорство со во тој момент најголемиот добитник на тендерите и градителот на проектот Скопје 2014, ДГ Бетон, и од него да испумпа гратис градба на огромното здание – штаб на партијата, но и дополнителни 2,5 милиони евра за да купи уште 30-тина штабови низ Македонија и да го опреми зградата со луксуз, неправосилно е осуден во отсуство на 6 години затвор.

    Божиновски, како потписник на договорите околу градбата, во име на партијата, доби условна осуда од две години затвор која нема да се изврши ако во рок од 5 години не стори ново кривично дело. Олеснителна околност за Божиновски, рече судијката, е што одбраната тој ја даде присутен во Основниот кривичен суд Скопје, каде тој беше редовен на судењата. Обвинетиот Груевски, кој е избеган и недостапен на органите на прогонот, рече таа, тоа го стори во друг стил, со бегање од лицето на правдата.

    Пресудите се првостепени, осудените имаат право на жалба пред Апелациониот суд Скопје.

    Алексовска-Стојановска покрај пресудите, изрече и мерка за конфискација, откако претходно обвинителот Љубомир Лапе, застапник на ова обвинение поднесено од обвинителката Ленче Ристоска, ја имаше побарано пред судот. Па така, судот одлучи во прв степен да се конфискува седиштето на партијата. Покрај седиштето, 8-катната луксузна зграда во центарот на Скопје, судот конфискуваше и 30-тина партиски штабови на ВМРО-ДПМНЕ во Велес, Кавадарци, два во Кисела Вода, Штип, Карбинци, Радовиш, Виница, Охрид, Пехчево, Демир Хисар, Лозово, Делчево, Кочани, Струга, Нов Дојран, Петровец, Гевгелија, Богданци, Градско, Каменица, Теарце и Новаци, купени со пари што му ги извлекле на Бетон на Минчо Јорданов.

    Земјиштето на кое се изградени новото седиште на ВМРО-ДПМНЕ и хотелот на Бетон, партијата односно обвинетите Никола Груевски и Кирил Божиновски го купиле во 2009 година за околу 150.000 евра, а нивниот вештак тврдеше дека за три години тоа вредело 8 милиони евра. Оваа сума од осум милиони евра им треба за да се покријат над два милиона евра кои инвеститорот Бетон, чиј сопственик е Минчо Јорданов, ѝ ги дал на ВМРО-ДПМНЕ за да си купи 30 од вкупно 69 партиски штабови, за објектот што им го изградил, за опремување внатре со скап материјал, мебел, опрема и за други луксузни предмети.

    Сумата за која смета обвинителството дека е набилдана, ѝ треба на одбраната, зашто политичка партија е непрофитна организација и не смеела да прима донација над тоа што го стопанисувала со Бетон во рамки на пазарната вредност. Од 150.000 евра до 8 милиони евра е голема разликата, па во соинвеститорството на Бетон и Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, обвинителството гледа висока корупција во милионски суми евра.

    Од друга страна, Бетон тогаш 80 проценти од приходите ги имал од тендерите за Скопје 2014 и за други проекти низ државата што ги добил од тогашната власт, па премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски тогаш не смеел за возврат назад да бара пари и услуги од компанијата на која ѝ ги давал тендерите.

    Во текот на постапката, беа сослушани 17 сведоци на Обвинителството и 23 на обвинетите.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира