На Клиниката за инфективни болести во Скопје вчера се примени уште 5 деца и 1 возрасен, за кои има сомнеж дека имаат мали сипаници.
„Во моментов на Клиниката има 20 болни од морбили, од кои 18 се деца и двајца се возрасни. Децата се на возраст од 9 месеци до 2,5 години, а возрасната е девојка од 24 години. Има едно дете од Радишани, другите се од градинката ‘Сонце’ од Ново Лисече во Аеродром. Возрасната девојка е од скопската населба Кисела Вода и е со непознат вакцинален статус“, велат од Министерството за здравство.
Здравствените власти напоменуваат дека на Клиниката има 120 легла и дека треба да се има предвид дека таму се хоспитализираат и пациенти со друга патологија.
„Најмладиот пациент е бебе од 8 месеци, а најстариот има 43 години од Скопје. Најмногу заболени има во населбата од Ново Лисиче во Аеродром, или вкупно 11 деца и уште нови 4 за кои има сомнеж дека се со мали сипаници, бидејќи имаат таква клиничка слика“, велат од Министерството за здравство.
Во вакциналните пунктови во Скопје вакцинирани се 1,894 лица, а само вчера до 13 часот вакцинирани се 30 деца.
„Уште еднаш повикуваме на вакцинација на децата, иако е прогласена епидемија од морбили. Едно лице со морбили може да зарази 9 од 10 лица околу него кои не се вакцинирани. Ова е пораката од Светската здравствена организација, која потенцира дека морбилите се заразни и најдобриот начин да се заштитиме е вакцинацијата. Има доволно количини од МРП вакцините. Вакцините кои се аплицираат во сите здравствени домови се со добар квалитет, од европски производител и имаат добар рок на траење. За време на викендов, вакциналните пунктови во Центар, Карпош и Јане Сандански, ќе работат само прва смена од 7.30 до 13 часот“, велат до Министерството за здравство.
Е. БОЧВАРОСКА