Техничкиот премиер Талат Џафери вели дека 650 илјади македонски граѓани, кои немаат пасоши со „Северна“, ниту имаат потреба, ниту пак има можност да ја напуштат државата во ист ден. За граѓаните кои не успеале досега да ги заменат пасошите, Џафери денеска на настан во Тетово рече дека треба да се најават и да се обратат до подрачните единици на МВР за да можат да покренат постапка за замена на документите.
Од денеска, граѓаните без нов пасош со „Северна“ не можат да ја напуштат државата, поради примена на член 10 од Преспанската спогодба, откако помина петгодишниот преоден рок.
„Прво и основно ние ги направивме првите чекори за прашањето за внатре комуницирање и движење безбедно на граѓаните. Во однос на потребите за комуницирање со надвор секако дека се преземаат организациски процедури за да се обезбедат соодветните документи и процедури за издавање на соодветните документи и така како што настапувате јас се надевам дека 650 илјади граѓани истиот ден денес ниту имаат потреба, ниту пак има можност да ја напуштат државата. Така што, сукцесивна работа, навремено и самите граѓани да се најават и да се обратат до подрачните единици на МВР за да можат да покренат постапка за замена на документите“, одговори Џафери на новинарско прашање за состојбата на 650 илјади македонски граѓани кои веќе не можат да ја напуштат државата поради неважноста на нивните пасоши со „Република Македонија“.