Градската општа болница „8-ми септември“ ќе го добие просторот од 4.000 квадратни метри од некогашната Воена болница, каде до лани беше сместена кардиохируршката болница на Жан Митрев. Менаџментот на болницата вели дека во овој екстра простор планираат да отворат траума центар.
„Со одлука на Влада овој простор е доделен на болницата ’8 септември‘. Сè уште не сме влегле внатре оти треба да се завршат некои процедури околу попис на опремата што ја наследуваме таму. Дел од апаратите биле на Министерство за одбрана, а друг дел се оставени од Жан Митрев. Планираме таму да направиме траума центар, оти како општа градска болница кај нас доаѓаат најголем дел од траумите и на едно место да доаѓаат сите трауми. Во тој простор има и две хируршки сали, од кои едната планираме да биде ортопедија, а другата трауматолошка“, вели Кристијан Костов, директор на ГОБ „8 септември“.
Тој кажа дека планираат овој простор да го стават во функција следната година, а двете хируршките сали таму да ги искористат да работат додека ги реновираат сегашните шест што ги има болницата.
„За жал хируршките сали се во лоша состојба и планираме да ги реновираме. Се надевам дека ќе успееме за брзо време овој простор каде беше болницата на Жан Митрев да го ставиме во функција и што поскоро да го реновираме оперативниот блок. Исто така ќе треба да најдеме и васкуларен и торакален хирург и во преговори сме да ангажираме и таков кадар“, вели д-р Костов.
Е. БОЧВАРОСКА