Адвокатката Александра Илиева-Милчова која изнесе во САКАМДАКАЖАМ.МК тврдења за тоа што преживеала во Министерството за правда кое не ѝ ги исплаќа трошоците што застапувала странка пред суд со бесплатна правна помош (БПП), која не само што ја избришале од Регистерот на адвокати за БПП, туку се нашла и во ситуација да ѝ се бара бесплатна услуга од тамошна раководителка за приватен судски предмет, поднела кривична пријава до Основото јавно обвинителство Скопје.
Кривичната пријава е против раководителката, за несовесно работење во службата. Претходно пак, Илиева-Милчова ја пријавила раководителката и во Државната комисија за спречување на корупција.
„Точно е дека до Основното јавно обвинителство Скопје во понеделникот била поднесена кривична пријава против лицето за кое прашувате. Пријавата вчера е распоредена кај надлежен обвинител кој ќе ги провери наводите во неа, по што ќе следи јавнообвинителска одлука“, одговори оттаму службата за јавност.
И во Антикорупциска комисија потврдија дека адвокатката поднела иницијатива до Комисијата против раководителка во Министерството за правда, во петокот. Предметот веќе го отворила членка на ДКСК.
Александра Илиева-Милчова, адвокатка од Скопје, вели дека во Министерството за правда ѝ била побарана бесплатна правна услуга токму од лице кое одлучувало дали воопшто и во колкав процент само ќе ѝ бидат исплатени адвокатските трошоци кои ѝ следувале по закон.
Младата адвокатка, која тогаш била во Регистерот на адвокати за бесплатна правна помош, ја одбила раководителката, а за казна, таа ѝ пресметала само 20 отсто од трошоците кои Илиева-Милчова ги направила застапувајќи сиромашна странка во друга постапка пред суд цели две години.
Уцената меѓутоа не запрела тука. Адвокатката добила мејл од раководителката во кој ѝ се заканува дека и овие 20 отсто нема да ги добие ако се осмели да тужи за парите што не ѝ ги исплаќа министерството.
Секако Илиева-Милчова поднела жалба до Управниот суд за поврат на судските трошоци што ги плаќала од својот џеб застапувајќи странка по програмата за бесплатна правна помош. Кога правдата ја добила пред Управниот суд, му се обратила на министерот Никола Тупанчески и си ги побарала трошоците.
„Кога му се обратив на министерот, како одговор добив Решение со кое тој ме избриша од Регистерот на адвокати за бесплатна правна помош“, тврди адвокатката Илиева-Милчова.
Таа, покрај тоа што е овластен застапник по индустриска сопственост и овластен регистрационен агент, е и во Регистерот на адвокати за бесплатна правна помош на ранливи категории граѓани.
Подолго време адвокатите кои пружаат бесплатна правна помош, а на кои според законот, државата треба да им ги надомести трошоците, се жалат на незаконско работење на Секторот во рамки на Министерството за правда. Не им се исплаќаат трошоците, или делумно им се исплаќаат, па средствата ги даваат од џеб. Ако се побунат, нема да добијат случај. Ако тужат, веднаш се бришени од Регистерот.
Адвокатите се сомневаат на коруптивно однесување околу бесплатната правна помош, како што е овој случај со раководителката.
На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК дали редовно и дали во објективна и реална висина ѝ се платени трошоците за нејзините адвокатски услуги како бесплатна правна помош, адвокатката одговара со негативно коруптивно искуство од лице на раководна функција, што го доживеала во Министерството за правда.
„Во единствениот предмет каде што бев назначена, најпрвин бев повикана на кафе од одговорното лице каде истата бараше правна помош за некој нејзин имотно-правен спор кој бесплатно ѝ го водел адвокат, а го изгубил пред суд. Не бев заинтересирана, ја одбив. Веднаш потоа, си добив ‘следување’. Трошковникот ми беше одбиен. Ми исплатија само 20 отсто од трошоците што ги направив застапувајќи ја странката преку бесплатна правна помош. Начинот на пресметката беше утврден така што некои расправи не ми ги вреднувале, иако сум тужител и моето присуство е задолжително. Всушност вредноста на спорот Министерството своеволно ја намали од 1.500,000 на 500.000 денари, со цел да ми биде помалку платено“, зборува отворено оваа уценета, па казнета адвокатка.
Раководителка од Министерството за правда, која не беше спомената со име и со секторот што го раководи, се јави самата во САКАМДАКАЖАМ.МК, реагираше на текстот и на изјавата на адвокатката барајќи јавно извинување од адвокатката.
„Во врска со истакнатото за мојата кариера истакнувам дека јас сум адвокат повеќе од 15 години, поточно од 2006 година. Адвокатската канцеларија која ја водам отсекогаш се борела за адвокатската самостојност и независност, но и против најразновидни притисоци, судир на интереси и корупција со една и единствена цел победа на правдата и утврдување на вистината. Ги повикувам институциите детално да го истражат овој веќе и на јавноста познат случај и да утврдат дали има несовесно работење во службата која ја води пријавената“, вели Илиева-Милчова.
С. К. ДЕЛЕВСКА