За само три месеци од спојувањето на двете компании „Вип” и „Оне”, просечна цена за минута разговор во мобилната телефонија се зголемила за над 15 проценти, а на мобилниот Интернет за скоро 20 отсто, соопшти денеска директорот на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) Сашо Димитриjоски.
Ова поскапување е во спротивност со гаранциите дека спојувањето на „Вип“ и „Оне“ нема да доведе до зголемување на цената за минута разговор, што АЕК јавно ги даде лани во април.
„Промените на пазарот на мобилната телефонија, се случија со спојувањето на ’Македонски телеком’ и ’Т-Мобиле’ и на вториот и третиот оператор ’Оне’ и ’Вип’, кои по преземањето и на кабелскиот оепратор „Близу“ настапуваат како една компанија“, рече денеска Димитриjоски на отворањето на првиот јавен состанок на АЕК за 2016. „Вип” на пазарот има удел од 53 отсто, а Димитријоски рече дека се прави обид да привлече нов мобилен мрежен и нов виртуелен мобилен оператор во земјава за да се зголеми конкуренцијата. Неодамна пазарот го напушти “Албафон“ кој влезе како четврти мобилен оператор, но се отакажа по две години работа во земјава.
Лани на 2 април пак, кога беше најавено можно спојување на „Вип“ и „Оне“, тогашниот директор на АЕК Роберт Орданоски, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција истакна дека АЕК е подготвен за сите можни сценарија ако дојде до спојување на двата оператора и оти тоа нема да влијае врз цената за минута разговор.
„Очекуваме Комисијата за заштита од конкуренцијата во законски утврдениот рок да се изјасни по повод иницијативата за спојување. АЕК е спремен за сите можни сценарија. Гарантираме дека моменталната цена од минута разговор од околу еден денар нема да се зголеми. АЕК како регулаторно тело ја има моќта да ја држи таа цена под контрола и ги уверувам граѓаните таа цена нема шанси да се зголеми“, истакна лани Ордановски.