Откако Владата соопшти дека утре (недела) ќе ја разреши Афрона Вервизоли од местото Главен ревизор на ИПА фондовите, бидејќи таа нема ни лиценца за резизор, од коалицијата Вреди, која што ја предложи, велат дека таа е само привремено заменета додека не го добие потребниот сертификат. Дополнително, од Вреди нагласуваат дека таа ќе биде привремено заменета со друг нивен кадар.
„Ја информираме јавноста дека коалицијата ВЛЕН уште пред неколку дена го повлече именувањето на Афрона Вервизоли како ревизорка на ИПА фондовите. Иако Вервизоли има одлично CV и значително професионално искуство, донесовме одлука таа да биде привремено заменета со друг кадар од нашите редови. Оваа одлука е направена со цел да се осигура дека сите строги стандарди и барања на Европската Унија ќе бидат целосно исполнети, додека Афрона ја заврши својата обврска со добивање на сертификатот“, соопштија денеска од Вреди.
- ВЛАДАТА УТРЕ ЌЕ ЈА РАЗРЕШИ АФРОНА ВЕРВИЗОЛИ ОД МЕСТОТО ГЛАВЕН РЕВИЗОР НА ЕВРОПСКИТЕ ПАРИ ОД ИПА ФОНДОВИТЕ, ПОРАДИ НЕМАЊЕ ЛИЦЕНЦА ЗА РЕВИЗОР
- ЕУ ЌЕ ИСПИТУВА ДАЛИ ВЛАДАТА ПОСТАВИЛА НЕСООДВЕТНА ГЛАВНА РЕВИЗОРКА ЗА ЕВРОПСКИТЕ ФОНДОВИ, НЕ СЕ ЗНАЕ ДАЛИ НОВОИМЕНУВАНАТА АФРОНА ВЕРВИЗОЛИ ВООПШТО ИМА ЛИЦЕНЦА ЗА РЕВИЗОР
Владата на 6 август ја назначи Вервизоли на ова место за кое треба да се исполнети многу строги услови. За нејзиното назначување реагираше и Делегацијата на ЕУ во Скопје, која најави дека ќе го преиспита ова назначување, бидејќи се однесуваа на контрола на користењето на проекти и активности финансирани од ЕУ во Македонија.
Во денешниот текст во САКАМДАКАЖАМ.МК за тоа дека ЕУ ќе ја испита компетентноста на Вервизоли, наведено е дека Владата вчера не сакаше да ни одговори што ќе преземе во врска со немањето лиценца за ревизор на главната ревизорка за ИПА Афрона Вервизоли, што ја именувала. Ниту за реакцијата на ЕУ.
С. К. ДЕЛЕВСКА