АГЕНЦИЈАТА ЗА ХРАНА СЕ ИСЕЛИ ОД ЗГРАДАТА НА МРТ ПОРАДИ НЕДОСТИГ НА ВОДА, ОД ВЛАДИНАТА СЛУЖБА ВЕЛАТ ПРОБЛЕМОТ Е РЕШЕН

    АГЕНЦИЈАТА ЗА ХРАНА СЕ ИСЕЛИ ОД ЗГРАДАТА НА МРТ ПОРАДИ НЕДОСТИГ НА ВОДА, ОД ВЛАДИНАТА СЛУЖБА ВЕЛАТ ПРОБЛЕМОТ Е РЕШЕНВо оваа зграда, каде што се сместени повеќе државни институции, со недели нема вода, а надлежните си ја префрлаа одговорноста. (Фото: СДК.МК)

    Вработените во подрачната единица на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во Скопје се привремено иселени од зградата на Македонската радио-телевизија (МРТ) поради долготрајниот проблем со водоснабдувањето, објави „Мета“. Од Агенцијата потврдуваат дека од денеска, 21 јули, инспекциската служба и архивата се преселени во централата на АХВ на улица „3-та Македонска бригада“.

    „Агенцијата за храна и ветеринарство ги известува граѓаните и компаниите дека инспекциската служба и архивата на АХВ, Подрачна единица Скопје, од просториите во Македонска телевизија од понеделник, 21 јули, привремено ќе бидат преселени во просториите на АХВ во централата“, соопштија од Агенцијата.

    Причина за оваа одлука, како што наведуваат, е одолговлекувањето на проблемот со недостиг на вода, што создало невозможни услови за работа на вработените во зградата на МРТВ.

    Во оваа зграда, каде што се сместени повеќе државни институции, со недели нема вода, а надлежните си ја префрлаа одговорноста.

    Од Службата за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР), која е одговорна за управување со објектот, тврдат дека проблемот е надминат. Директорот Ивица Томовски вели дека во зградата во моментов има вода.

    Претходно, од СОЗР велеа дека ЈП „Водовод и канализација – Скопје“ не обезбедува доволен притисок, додека од јавното претпријатие одговараа дека за да има вода на горните катови, потребно е да се вклучат хидрофорните пумпи во самата зграда, чија внатрешна инсталација не е во нивна надлежност.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира