АКО ДОСЕГА НЕ ЈА ИСЧИСТИЛЕ УБК ОД НЕПИСМЕНИ КАДРИ, НЕКОЈ ВО МВР ТРЕБА ДА ПОНЕСЕ ОДГОВОРНОСТ, ВЕЛИ ЕМИЛ ДИМИТРИЕВ ОД ВМРО-ДПМНЕ

    АКО ДОСЕГА НЕ ЈА ИСЧИСТИЛЕ УБК ОД НЕПИСМЕНИ КАДРИ, НЕКОЈ ВО МВР ТРЕБА ДА ПОНЕСЕ ОДГОВОРНОСТ, ВЕЛИ ЕМИЛ ДИМИТРИЕВ ОД ВМРО-ДПМНЕЕксдиректорот на УБК Владимир Атанасовски, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, е во притвор во истрагата за организаторите на нападот на Собранието на 27 април 2017 (Фото: СДК.МК)

    Пратеникот Емил Димитриев од ВМРО-ДПМНЕ, кој денеска се пофали дека министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ги прифатил сите негови амандмани за Законот за Агенцијата за национална безбедност, рече дека неговата партија успеала да се избори никој од кадрите од УБК кои нема да влезат во Агенцијата да не остане на улица. Сите до еден ќе бидат вработени во органите на државата.

    На новинарска констатација дека со овие кадри во УБК се случи најголемиот скандал со масовното нелегално прислушување, а раководството и агенти под прикриен идентитет на 27 април 2017 ги нападнаа Собранието и државата, Димитриев одговори дека не сите вработени таму се огрешиле пред законот.

    „Досега менаџментот требало да ја среди Управата. Никој не го спречувал да го направи тоа”, рече Димитриев.

    На наше прашање зошто ликува кога како член на собраниската Комисија за одбрана и безбедност добро знае дека изминатата деценија во УБК се набутани од касапи, фризерки и месари, до бравари и луѓе со фалсификувани дипломи за високо образование и дека имаат толку многу бодови на тие нивни места во УБК што ни тенк не може да ги помрдне оттаму, Димитриев рече:

    „Ако досега не ја исчистиле УБК од неписмени кадри, некој таму треба да понесе одговорност”.

    Тој додаде дека и од касапи и бравари има потреба во државните органи и оти на таквите евентуални кадри од УБК може да им се најде работа според образованието и квалификациите.

    Пратениците со двотретинско мнозинство денеска ги донесоа четирите клучни безбедносни реформски закони: Закон за Агенција за национална безбедност, Закон за координација на безбедносно-разузнавачката заедница во Северна Македонија, Закон за следење на комуникациите и Закон за внатрешни работи.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари